Заврши дебатата за ЈО: Сите го посакуваат, никој не го прифаќа

427

Во Собранието попладнево заврши стручната дебата за законот за јавното обвинителство, во организација на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

Сотир Костов, правник, осврнувајќи се на Предлог-законот за јавното обвинителство, рече дека е збунет во однос на тоа во која фаза е текстот на законот и, подвлече, чиј е. Тој потенцира дека сака да се донесе овој закон и, како што рече, обвинителството да почне светла фаза во својата работа.

– Овој закон сите го посакуваме, ама вчера и денес се делиме на луѓе што не ја прифаќаме неговата содржина и луѓе што ја прифаќаат. Односот е 80:20. Вчерашните и денешните експерти ги избројав, 80 отсто не ја прифаќаат содржината на овој закон од разни причини, а 20 отсто прифаќаат – рече Костов.

Според него, овој закон е лепенка од стариот закон, од СЈО, ама вешто е преформулиран, но, како што рече, неписмено правнички.

Новинарот Горан Лефков изјави дека не се согласува со некои одредби од законот, посебно членот 3 во кој се одредува дека Јавното обвинителство се организира по принципите на хиерархија и субординација.

– Политиката треба целосно да ги крене рацете од Јавното обвинителство. Политиката треба да ги остави Јавното обвинителство и јавните обвинители да си ја вршат работата. Мешање на политиката, на политичките партии и други форми на влијание врз Јавното обвинителство, последиците ќе ги имаме катастрофални, како што ги имаме денес во работењето на Јавното обвинителство – нагласи Лефков.

Претседателот на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците Александар Кирацовски изрази задоволство што два дена се дебатирало за ова предлог-законско решение. Според него, само еден од говорниците не дискутирал на темата, а сите други се вклучиле квалитетно, длaбински и експертски.

Во јавната расправа досега учествува претставници на правната фела, обвинители, адвокати, професори од правните факултети и од НВО секторот, како и пратеници од сите политички партии. Предност во изнесувањe на своите забелешки имаа претставниците на стручната фела.

Во стручната расправа денеска се вклучија професорите Александар Климовски, Александар Даштевски и Никола Тупанчевски… Забелешките ги слушаа министерката за правда Рената Треневска Дескоска, државниот обвинител Љубомир Јовески, професори, членови на работните групи и пратеници.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...