Собраниската Комисија за европски прашања на денешната седница го прифати Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за квалитетот на амбиентниот воздух и го даде на натамошно читање.
Министерот за живота средина и просторно планирање Насер Нуредини образложувајќи го Предлог-закон рече дека има детална листа за мерки што се усвојуваат со наредба од Владата по предлог на МЖСПП , МВР, министерствата за економија, за здравство, за труд и социјална политика и за транспорт и врски. Мерките што се однесуваат на бизнис секторот, рече тој, се усвојуваат по консултации и соработка со нив.
– Инспекторатите, локалните и државни инспектори за животна средина се овластени да го мониторираат планот за спроведување на овие мерки. Предложените глоби се согласно максималните утврдени глоби согласно Законот за прекршоци за мали микро и средни претпријатија и овие одредби се предвидени согласно новиот Закон за инспекција, рече Нуредини.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илијоски, смета дека на Комисија за европски прашања не треба да се дискутира за квалитетот на воздухот.
– На Комисија за европски прашања станавме стручњаци и за амбиентен воздух, за областа од медицината, за областа на јавни набавки во Армијата, за намалување на акцизи… Тогаш дајте да ги укинеме сите други комисии. Второ, оваа тема заслужува поголемо внимание од јавноста, рече Илијоски.
Тој имаше неколку забелешки во однос на Предлог-законот, односно смета дека треба да се најде начин сите општини да направат планови за справување со мерките кога има загаден воздух и оти Министерството за животна средина треба да најде начин да ги субвенционира тие работи, дали, како што рече тој, со финансиски капитал и да не се остави која бил општина да нема таков план.
– Во делот каде се овозможува одредени установи да издаваат наредби за имплементација на краткорочни мерки ми се чини дека е еден чекор напред со тоа што сметам дека треба да се размисли тие наредби да имаат поголема тежина во оние делови за технолошки процеси кои трбеба да бидат опфатени со некакви мерки за намалување на загадување. Процеси во фабрики, индустриски капацитети.., вели тој.
Во однос на казните, Илијоски смета дека треба да се размисли наместо да се намалуваат казните, да се зголемуваат за оние капацитети кои претставуваат опасност за загадување.
– Тие што загадуваат да се замислат дали вреди да ризикуваат да продолжат со својата активност што предизвикува загадување, вели тој.
Според Илијоски, во планот за чист воздух што Владата го донесе треба да се пристапи многу подлабоко и понаучно, да се имаат предвид метеоролошките влианија, условите, локациите на загадувачите, да има континуирано мерење на повеќе локации.
Во однос на втората точка, односно за Предлог-законот за енергетска ефикасност беше усвоен амандманот на пратеникот Драган Цуклев од ВМРО-ДПМНЕ, односно во членот 1, став 7 од законот, каде стои „енергетската ефикасност при пренос, дистрибуција и снабдување“ да се додаде и „производство“
И вториот амандман што се однесуваше на членот 10, став 3 каде е наведена потреба од изготвување на список на згради кои ги користат лицата од јавниот сектор со подна површина од над 250 метри квадратни даден е рок 30 дена за изготвување на тој список, каде се бараше да се даде поширок рок, односно рок од 60 дена за изменување на тој спсиок, беше усвоен.