Се предвидува дека епидемијата на коронавирусот ќе го достигне својот врв за 10 дена

408

Епидемијата на новиот коронавирус, кој се појави во централната кинеска провинција Хубеи кон крајот на 2019 година, може да го достигне својот врв „за околу 10 дена“, изјави кинескиот експерт за респираторни болести Жонг Наншан.

Во интервју за кинеската државна новинска агенција Ксинхуа, Жонг, кој го откри вирусот САРС во 2003 година, изрази уверување дека оти новиот вирус „ќе достигне кулминација и потоа нема да има зголемување на заболени од големи размери“.

Бројот на починати од појавата на коронавирус во Кина денеска достигна најмалку 131 лице, соопшти кинеската Национална комисија за здравство. Речиси 6.000 луѓе се заразени низ целата земја.

Од вчера до денеска бројот на потврдени случаи на зараза со вирусот се зголеми за 60 проценти.

– Епидемијата на САРС траеше околу шест месеци. Но не верувам дека епидемијата на новиот коронавирус ќе трае толку долго – рече Жонг.

Бројот на нови случаи на коронавирус денеска го надмина оној на епидемијата на САРС во 2003 година, во која починаа околу 800 луѓе низ целиот свет, но стапката на смртност од новиот вирус е значително пониска.

Предвидувањата на Жонг се во спротивност со други експерти. Математичкиот модел на Габриел Леунг, декан на медицинскиот факултет на престижниот Универзитет на Хонг Конг, предвиде дека епидемијата ќе го достигне врвот во април или мај годинава.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...