Наместо да се фатите за работа за сериозните забелешки од Извештајот за напредокот на Македонија, се занимавате со организирање на чочеци по тунели, забави и коктели. Време е да завршите со забавите, им порача Драги Данев, пратеник од ВМРО – ДПМНЕ на претставниците од Владата на собраниската седница за пратенички прашања.
Седницата за пратенички прашања почна со звуците на народната музика односно чочеци, која ја пуштаа опозиционерите од своите мобилни телефони.
Во изминатите десет дена во Македонија, Данев додаде дека имало секаков вид забави посочувајќи на чочеците во тунелот за време на отворањето на автопатот Демир Капија – Смоквица, за прославата за влегување, како што рече во ЕУ и НАТО, а денеска на коктел министрите ќе одговараат на прашања на пратениците.
Данев смета дека власта ова го прави за да заборават граѓаните на изборните ветувања на власта, на најавите за зголемување на платите.
Фадил Зендели од Беса кажа дека иако пред три месеци барал одговор за радиостаницата во Гостивар, него се уште го нема. По ова Илија Димовски, кој обвини дека претседателот на Собранието Талат Џафери се обидува да и се додворува на Владата и од Парламентот да направи нотарско одделение, побара список на сите писмено одговорени прашања од членови на Владата и да констатира кои членови на Владата се присутни на седницата.
Претседателот на Парламентот Џафери праша според кој член од Деловникот треба да направи список на одговорени прашања, но и дека тој не се плаши од ништо што добро знаат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.