Македонски и ирански приватни компании ќе создаваат заеднички производни компании и брендови со кои ќе тргуваат на светскиот пазар. На ваков начин Стопанската комора на Македонија и Иранската комора за трговија, индустрии рударство и земјоделство планираат да ја зголемат економската соработка која моментално е незначителна.
Претседателот на Иранската комора, Хосеин Шафеи, како што рече, преку Македонија има намера да овозможи иранските компании да продрат на европскиот пазар.
– Македонија има соодветна даночна политика како и трговското право, а од друга страна Иран зазема видно место во светската економија. Граничи со 15 земји кои даваат можност за голем пазар и е виден член на ОПЕК – рече Шафеи.
Тој, како што рече, гледа развој на економската соработка во сите области.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески пак гледа продор на македонските производи освен на европскиот пазар каде што се реализира 70 отсто од извозот и на Блискиот и Средниот Исток.
– Дојдовме до Иран, како и Александар Мекдонски, а дали ќе одиме понатаму ќе видиме – рече на почетокот на своето обраќање Азески, алудирајќи дека третите пазари се отвораат за македонските производители.
Според него, сега е вистински момент кога македонските компании треба да го прошират извозот и на овој пазар, кој како што рече, во еден период беше тотално заборавен.
– Имаме лесна задача зашто обострана е потребата за подобрување на економската соработка, но потребно е да се обезбеди и правна основа за трговијата и да се обезбедат царински и административни олеснувањата кои ќе ја поттикнат. Иран има дипломатско претставништво во земјава, па потребно е и Македонија да има во Иран кое би ја олеснило соработката – рече Азаски.
Најави низа активности кои во иднина ќе бидат реализирани меѓу двете економии кои ќе овозможат продлабочување на соработката.
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев ги повика бизнисмените од Иран да инвестираат во земјава посочувајќи дека Владата подготви закон со кој ќе обезбеди поддршка за странските и домашните инвеститори и за домашните извозници.
Во бизнис делегацијата од Иран имаше претставници од сите сектори почнувајќи од енергетскиот, земјодлеството, индустријата рударството па се до градежништвото и авио индустријата.