Спасовски изработил 1.750 решенија пред заминувањето од МВР, тврди Чулев

358

Од почетокот на декември до 25 – ти истиот месец во 2019 година донесени се 1.050 решенија, додека во последната седмица донесени се и изработени 1.198 решенија, некои за распоредување на пониски работни места, други за унапредување. Сето тоа се случувало, пред самото заминување на претходниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, без притоа да се почитува Законот за вантрешни работи и утврдениот систем за кариера.

За оваа состојба во МВР денеска на прес-конференција информираше министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, кој потенцира дека со цел да се утврди фактичката состојба формирана е комисија, во која членувале претставници и на репрезентативниот и на независниот полициски синдикат. Комисијата ја разгледувала состојбата во периодот од 1 декември 2019 година заклучно со 3 јануари 2020 година, при што биле прегледани 1.750 решенија. Во изготвениот детален извештај комисијата констатирала дека во повеќе од 100 предмети се забележани отстапувања од доследна примена на Законот за внатрешни работи, колективниот договор и правилникот за начинот на спроведување на селекција при распоредување, како и унапредување и начинот на остварување на системот на кариера на работниците во МВР. Било утврдено и дека постојат поголем број решенија изготвени во периодот кога работниците биле отсутни од своите работни места, биле на боледување, платено или неплатено отсуство.

– Цели четири милиони евра минатата година се одлеале од касата на МВР како резултат на судски постапки кои вработени ги воделе против МВР, најчесто поради неисплатени прекуивремени часови, бонус плати, незкоански прераспоредувања и незаконски откази – изјави Чулев.

Според него, одговорноста за, како што наведе, ваквиот хаос, е во Оливер Спасовски и неговото политичко раководење со МВР.

– Со партиски и политички одлуки мојот претходник се обидел да го прегази достоинството и угледот на полицајците – рече Чулев и апелираше до професионалците и до оние кои работата си ја работат чесно и одговорно, дека заврши времето на притисоци, закани, делење решенија и откази по партски и политички заслуги.

Министерот Чулев најави дека ќе се преземаат активности за отстранување на незаконитостите за секое решение поединечно.

Тој изрази загриженост затоа што бил злоупотребуван и институтот „наредба“ за распоредување на работни места, кој може да согласно законските одредби да трае најмногу 30 дена, а во некои случаи било применувано и подолго од една година.

Меѓу другото информира дека се изготвени решенија за распоредување во МВР на 130 лица од претходната УБК, кои не биле преземени од Агенцијата за национална безбедност, а примале плата на работно место во непостоечки правен субјект УБК.

На прашањето за набавката на обрасци за лични документи, министерот Чулев информира дека се води постапка во внатрешна контрола на МВР и посочи дека се соочил и со проблемот со недостаток на обрасци за лични карти за што се чекало од 26 декември до 17 јануари за издавање на личните карти.

Информира дека имало недостаток и на возачки дозволи и се уште не е пристигната новата пратка, а се очекува да пристигне крајот на овој месец. Има недостаток и на образец А за пасоши, подвлече министерот Чулев, за што веднаш бил алармиран за овој проблем, испратил писмо до претседателот на германската компанија што е надлежна за дистрибуција и производство на овие лични документи до МВР.

Обрасци за патни исправи има до средината на февруари, подвлече Чулев, како резултат на лошата анализа што била направена, но обрасците за патните исправи треба да стигнат крајот на март.

– Во анализите не е предвидено дека ќе има во овој период побарувачка на лични документи од неколку причини. Прво имаме избори, второ истекот на 10 години на документите и трето за издавање лекови согласно регулативата не може да добиете лек без идентификација со личен доклумент, појасни министерот Чулев.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...