Заев: Ако имаше докази за убиството кај Смилковското езеро ќе ги објавев

2195

Претходната власт криеше убиства, договараа апсења на луѓе без докази, ако имаше докази за случајот „Монструм“, Зоран Заев ќе ги објавеше бомбите до крај, таму има сериозни индиции, одговoри премиерот Заев на прашање од пратеникот Зоран Илиоски од ВМРО ДПМНЕ за петкратното убиство кај Смиљковци.

Илиоски праша дали премиерот „чувствува макар морална одговорност што цело време манипулираше со разговорите за случајот „Монструм“, играјќи со судбината на родителите на убиените момчиња , за на крај да им каже дека во „бомбите“ всушност се разговарало за субвенции.“

Премиерот Заев додаде дека можеби немал право на родителите на убиените деца кај Смилковско езеро да им ги покаже прислушуваните разговори, но морал да го стори тоа почитувајќи ја нивната болка за изгубените чеда.

-Таму има сериозни индиции и моја должност беше да ги предадам до Специјалното јавно обвинителство. И тоа го сторив. На родителите им покажав како обвинетиот Фејзи Азири разговара со тогашниот градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта и го моли да му бидат исплатени субвенциите. Им ги покажав и скриените броеви од мобилните телефони. Можеби немав право на тоа, ама морав, почитувајќи ја болката на родителите што изгубиле свое дете. Нивната болка заслужува дополнителна транспарентна истрага- рече Заев и додаде дека правото и правната држава функционира, борбата со корупцијата е ефикасна.

Премиерот рече дека таткото на едно од убиените момчиња имал можност да види како осомниченото лице Фејзи Азири разговара со тогашниот градоначалник Невзат Бејта.

-Ги виде дури и телефоните што наводно биле скриени. Зошто? Заради тоа што можеби немам право јавно да објавувам вакви податоци, но имам право на некој родител кој изгубил дете тоа да му го покажам – рече Заев и истакна дека нема причина за никакво криење за случајот и дека тој не смее да си дозволи како политичар да биде истражител и обвинител.

-Поставувањето на ваквите прашања може да бидат само гол популизам, но транспарентноста во водењето на политиките на оваа Влада никој нема да успее да ги одврати. Колку и да е нешто болно, колку и да е нешто тешко, колку и да е нешто секојдневие во работењето, до крај граѓаните заслужуваат одговори и од оваа Влада ќе ги добијат сите можни одговори – додаде премиерот.

Од сите 22 случаи на убиства во земјава само две не се докрај откриени, рече Заев, а истрагата за нив продолжува.

-Прашање е дали ќе  да се открие вистината за убиството кај  Смилковското езеро, за кумановските настани и за случајот на Никола Младенов – рече Заев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...