Почна да се истражува квалитетот на животот на 1.500 пациенти со мултипла склероза

401

Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза информира дека од 22 јануари 2020 година почна спроведувањето нов проект со наслов „Проспективно истражување на квалитетот на живот на лицата со мултипла склероза во Република Северна Македонија“. Истражувањето има за цел да го прикаже квалитетот на живот на пациентите со мултипла склероза (МС) во нашата држава.

Проектот е на иницијатива на Националното здружение за МС во соработка со Македонската медицинска студентска асоцијација (ММСА) и членови на Медицинскo/стручниот одбор при Националното здружение за МС во чии редови спаѓаат истакнати невролози од ЈЗУ Универзитетската клиника за неврологија во Скопје, помогнато од фармацевтската компанија Рош Македонија ДООЕЛ Скопје.

– Во истражувањето кое ќе се спроведува до април 2020 година се користи валидиран прашалник за испитување на квалитет на живот на лицата со МС, MSQOL-54. Планирано е да бидат опфатени голем број лица со мултипла склероза со цел прибирање и добивање на релевантни и веродостојни податоци кои би биле неопходни за успешна реализација на овој проект, се вели во соопштението од Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза.

Спроведувањето на овој проект, како што се наведува, е од круцијално значење за лицата со МС, за здравствените работници и власти бидејќи согласно добиените податоци, Националното здружение за МС заедно со сите релевантни чинители би ја насочило својата работа и дејствување кон подобрување на оние сегменти кои ќе се покажат како најкритични.

Планиранo е резултатите од истражувањето да бидат публикувани и презентирани на Интернационалниот медицински научен конгрес во организација на ММСА во мај 2020 година.

Мултипла склероза (МС) е една од најчестите невролошки нарушувања и причини за инвалидитет кај младите возрасни лица. Тоа е хронична, прогресивна, имунолошки посредувана, воспалителна и дегенеративна болест на централниот нервен систем. Настанува кога имуниот систем ја напаѓа обвивката на нервните клетки (миелин) во мозокот, ’рбетниот мозок и оптичките нерви, предизвикувајќи воспаление и последователна дегенерација, што води до прекин на невротрансмисијата на сигналот од една нервна клетка до друга.

Во нашата држава од МС боледуваат околу 1.500 лица додека во светот има повеќе од 2,3 милиони лица. Многу е веројатно дека стотици илјади лица остануваат недијагностицирани и многу животи се индиректно зафатени. Повеќето лица со МС се дијагностицираат на возраст од 20 до 40 година, и околу два-три пати почесто се дијагностицираат жени наспроти мажи. Причината за МС се уште не е позната и до сега не постои лек, но постојат лекови кои можат да им помогнат на лицата со МС да ја стават болеста под контрола и постојат многу опции за подобрување и управување со симптомите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...