Меџик Џонсон: Ништо нема да биде исто без Коби

164

Меџик Џонсон е еден од синонимите на Лос Анџелес Лејкерс. Легендарниот бек и поранешен шеф на калифорнискиот клуб не можеше да остане рамнодушен по трагедијата во која животите ги загубија Коби Брајант, неговата ќерка Џиана и уште седум други кои биле на хеликоптерот што се урна синоќа.

„Не можам да верувам и плачам целото утро по вестите за Коби и неговата ќерка Џиџи. Она што го стори за кошаркарската игра не може да се опише со зборови. Тој пренесе знаење на помладите – без разлика дали станува збор за адолесценти, деца од колеџ, НБА или женската НБА. Знам дека ќе им недостасува на обожавателите насекаде, особено во Лос Анџелес“, пишува Меџик.

„Коби и јас споделивме многу специјални разговори за животот и играта. Имавме многу заеднички нешта надвор од теренот. Обожавав кога разговараме за Лејкерси со него, за татковството, семејството и колку ја сакаме Италија. Ќе ми недостигаш толку многу“, продолжува тој.

„Мојот пријател, легенда, сопруг, татко, син, брат, добитник на Оскар и најголемото „езерџија“ на сите времиња го нема. Тешко е да се прифати. Коби беше лидер во играта, ментор како на кошаркари, така и кошаркарки“, пишува Џонсон во изјавата.

„Ништо не би било исто без Коби. Ниту Лејкерс, ниту кошаркарската игра, ниту нашиот град. Јас и Куки се молиме за Ванеса, неговите прекрасни ќерки, Наталија, Бјанка и Капри, како и неговите родители, Џо и Пам и неговите сестри. Ние секогаш ќе бидеме тука за семејството Брајант“, заклучува тој.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...