Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев ги повика сите невладини и посебно Транспаренси Интернешенал, која вчера почна постапка за, како што наведоа, незаконскиот стечај во „Фени“ да ја водат постапката подлабински и да ги најдат вистинските причини поради кои компанијата беше доведена до стечај.
– Ги охрабрувам граѓанските организации слободно да ја испитаат фактичката состојба во водењето на постапката, но и да ги продлабочат истражувањата за да видат која беше причината и кој ја донесе компанијата во незавидна состојба и во стечај – рече Анѓушев.
Анѓушев потсети дека ова е прв случај компанија од стечај успешно продолжила да работи.
– Факт е дека денеска „Фени“ работи и 800 вработени земаат плата- рече тој.
Него, како што рече, сепак го загрижува фактот што истрагата на невладините е поттикната од поранешниот сопственик на „Фени“ компанијата „Кунико“ која беше главниот проичинител за лошото работење на компанијата и ја доведе до стечај.
-Малку сум загрижен што обвинувањата кои стигнале до Транспаренси Интернешенал доаѓаат од Кунико, тие кои што го створиле проблемот, но посакувам да се оди длабоко во испитувањата – додаде Анѓушев.
Вчера претседателката на Транспаренси Интернешенал – Македонија Слаѓана Тасева на прес-конфереција информира дека Организацијата, откако добила веродостојни информации за постоење на неправилности во стечајната постапка на Фени индустри АД Кавадарци, одлучила да поднесе кривична пријава против стечајниот управник Мирослав Анастасиевски и стечајната судијка Валентина Ѓоргиевска за дело злоупотреба на службената положба и овластување. Посочи дека очекува вицепремиерот Анѓушев да се изјасни за наводите во пријавата.