Свечена академија: Делото на Свети Сава инспирира да градиме општество еднакво за сите

950

Делото на Свети Сава инспирира и осум века по неговата смрт. Неговите државнички активности и активностите како светител оставиле длабоки траги и ја потврдуваат неговата големина. Тој им припаѓа на сите христијани, без разлика во кои државни граници живеат. Кога велиме дека делото на Свети Сава инспирира, пред нас ја имаме и нашата определба да градиме и негуваме општество еднакво за сите.

Ова го порача техничкиот премиер Оливер Спасовски, во своето обраќање на Свечената академија во Македонскиот народен театар, по повод одбележувањето на 27 Јануари, Националниот празник на Србите – Денот на српскиот просветител Свети Сава.

Честитајќи го националниот ден на Србите во Северна Македонија, Спасовски повика сите да ги споделуваме неговите вредности на дело и преку заедништво и правдољубие да ја градиме заедно државата.

– Свети Сава е молитвен застапник на сите кои преку него побарале помош од бога, посредник и помирител меѓу раскараните браќа и народи. На овие негови вредности овој свет човек повикува и денес. Неговите пораки се толку силни и потребни и во денешно време. Затоа е многу важно и самите да ги применуваме неговите големи пораки – рече Спасовски.

Тој додаде и дека делото на Свети Сава инспирира да градиме општество со почит меѓу сите етнички заедници.

– Во таа насока се и грижите и политиките на Владата за српската заедница во нашата земја. Српскиот јазик е службен јазик во општините Куманово и Старо Нагоричане. Во општина Центар во тек е расправата за ДУП-от во кој се предвидени објекти за современ културен центар за српската заедница, ново училиште со паралелки на српски јазик и простор за нова амбасада на Србија. Така се гради заедништво. Со почит кон традициите на сите – напомена Спасовски.

Генералниот секретар на српскиот претседател Александар Вучиќ, Никола Селаковиќ, честитајќи го големиот српски празник пренесе поздрав од српскиот претседател Вучиќ и порака за братска љубов и поддршка.

– Ова е ден и вечер кога секој треба да се праша колку во изминатата година живеел по Сава, правдољубиво и милостиво. Секој што сака да се спаси мора да оди по патот на посветеноста и верата – изјави Селаковиќ.

Пораката од Сава за братство, љубов и единство, порача Селаковиќ, нека биде благодарност на домаќинот за гостопримството и заедничкото прославување на свечената Савска академија.

Свети Сава е втемелувач на самостојна Српска православна црква, нејзин прв архиепископ, просветител, основач на училишта и болници, дипломат и пишувач на првите закони во српската држава.

На церемонијата присуствуваа јавни личности од регионот и земјава, меѓу кои и Милорад Додик, рускиот амбасадор Сергеј Баздникин, лидерот на Демократската партија на Србите Иван Стоилковиќ и амбасадорката на Србија Душанка Дивјак Томиќ.

ФОТО: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...