Здружението за еднакви права на ЛГБТ заедницата за Западен Балкан и Турција (ЕРА), како и Меѓународната асоцијација на лезбејки, геј, бисексуалци, транс и интерсекс (ИЛГА Европа) испратиле заедничко писмо до Европската унија, до Владите на Хрватска, Франција, Данска и на Холандија, со кое предупредуваат дека блокирањето на евроинтеграцијата на Албанија и Македонија ќе се одрази на правата на ЛГБТ.
Оваа информација ја објави албанскиот портал Exit News, кој наведува дека писмото било испратено и до еврокомесарот Оливер Вархеји, до високиот претставник на ЕУ, Жосеп Борел Фонтели, како и до хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ.
Според порталот, во писмото е наведено дека одлуката да не се отворат разговори за пристапување со Албанија и Северна Македонија и покрај нивните јасни напори и достигнувања, штети на кредибилитетот на пристапниот процес низ целиот регион, процес кој е фундаментален во подобрувањето на правните права и социјалното прифаќање на ЛГБТ луѓето. Во писмото било наведено и предупредување дека евентуалната блокада ќе резултира со зголемена маргинализација на ЛГБТ заедницата.