Стаменковска-Стојковски обвини за неправилности при вработувања во државниот и јавниот сектор

194

Општата состојба на вработените во државниот и јавниот сектор е многу лоша и загрижувачка, а функционерите го изигруваат законот и методологијата за донесување годишен план за вработување. Ова денеска го изјави дополнителниот заменик-министер во Министерството за информатичко општество и администрација Невенка Стаменковска-Стојковски.

– Генералниот секретаријат на Владата за 2019 година има поднесено годишен план за вработување согласно методологија и има добиено согласност од Министерството за финансии и Министерството за инфорамтичко општество и администрација за вработување на 38 лица. Во текот на годината, без да се почитува законот, добиваат согласност за 57 нови вработувања без функционална анализа, односно за 75 нови вработувања со трето барање за измена на планот. Притоа природниот одлив на вработени во институцијата е само три лица по основ на пензионирање – рече Стаменковска-Стојковски.

Пропорционалното пополнување на работните места врз основа на природниот одлив на вработените во администрацијата, како што рече, е во духот на Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавен сектор и методологијата, а МИОА има непосредна одговорност за доследна примена на овие два закони.

– Но, наспроти тоа МИОА било креатор и потпомага во процесот на изигрување на законот и наместо да инсистира на законито постапување, издава согласности на изменети годишни планови во кои јасна е намерата за масовно партизирање на институциите, како што е примерот со Генералниот секретаријат на Владата – рече Стаменковска-Стојковски.

Таа додаде дека поседуваат докази кои, како што рече, ќе бидат во прилог на претставката до Државен управен инспекторат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...