По долги години провокации и закани севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун изминатиот период навестува отворање кон светот и се обидува да ги нормализира односите со светските сили. Дел од тие обиди е и претстојната, за голем број аналитичари, историска средба со јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин.
Самитот е закажан за утре, 27 април. Тоа ќе биде трета средба на највисоко ниво меѓу земјите соседи. Предвидено е самитот да биде во селото Панмунџом, во демилитаризираната зона помеѓу двете држави. Но, Ким ќе мора да ја помине граничната линија на Јужна Кореја, бидејќи средбата ќе биде во „Куќата на мирот“ во јужниот дел на Панмунџом. Со тоа Ким ќе биде првиот севернокорејски лидер кој бил на територијата на соседната држава од крајот на Корејската војна (1950 – 1953).
Меѓународната заедница со воодушевување и голем оптимизам го поздрави првиот самит, по вториот беше повоздржана, додека за утрешната средба постојат големи очекувања.
Според најавите, теми на разговор на третиот самит ќе биде потпишување на мировен договор. Јужна и Северна Кореја имаат потпишано примирје, но не и мировен договор, што технички значи дека се уште се во војна, која заврши во 1953 година. На средбата ќе се разговара и за денуклеаризацијата на Корејскиот Полуостров, а се претпоставува и дека Сеул ќе бара и спојување на семејствата што се разделени за време на војната.
Колкав е интересот за средбата меѓу Мун и Ким покажува и тоа што се пријавени над 3.000 новинари од 380 медиуми од целиот свет. Најверојатно ќе бидат соборени сите рекорди во број на новинари, кои следеле некој меѓународен политички настан. Според најавите делови од средбата ќе бидат пренесувани во живо на телевизија.
Првиот самит меѓу поранешниот јужнокорејски претседател Ким Дае-јунг и поранешниот севернокорејски лидер Ким Џонг-ил, татко на актуелниот лидер, што се одржа во 2000 година го следеа 1.392 новинари од 242 медиуми. Вториот состанок помеѓу поранешниот претседател Рох Му-хјун и Ким Џонг-ил во 2007 година го следеа 1.315 новинари од 276 медиуми.
Првите две средби траеја два дена и се одржувааа во Пјонгјанг. На 13 јуни 2000 година поранешниот јужнокорејски претседател Ким Дае-јунг беше лично пречекан на аеродромот во Пјонгјанг од Ким Џонг-ил. И оваа средба беше пренесувана во живо во Јужна Кореја. На Самитот беа потпишани договори за намалување на тензиите, за напредување кон обединување, за постигнување на конечен мир и за обединување на разделените семејства. Средбата можеби му помогне на Ким Дае-јунг во 2000 година да ја добие Нобеловата награда за мир, но потоа беше засенето од откритието дека за одржување на самитот преку јужнокорејскиот конгламерат Хјундаи биле платени 500 милиони долари за Ким Џонг-ил да се согласи на средба. Покрај другите обвинувања и поради аферата со исплатите на Хјундаи, шефот на кабинетот на Ким Дае-јунг, Парк Ји-вон во 2003 година беше осуден на 12 години затвор.
И вториот самит се одржа во Пјонгјанг од 2 до 4 октомври 2007 година, на кој присуствуваат поранешниот претседател Рох Му-хјун и Ким Џонг-ил. Средбата се случуваше за време на шестраните преговори за нуклеарно разоружување на Северна Кореја, откако Пјонгјанг една година претходно изврши нуклеарно тестирање. Двајцата лидери потпишаа декларација со која се бара денуклеаризација на Корејскиот Полуостров и траен мир, зајакнување на трговските и политички врски и да одржуваат средби на највисоко ниво.
Но, со доаѓањето на власт на конзерватвецот Ли Мјунг-бак во 2008 година, Јужна Кореја се откажа од политиката за зближување со Северна Кореја. Во 2009 година Северна Кореја се повлече од шестраните преговори и ја извршува втора нуклеарна проба. По смртта на Ким Џонг-ил во 2011 година на власт доаѓа неговиот син Ким Џонг-ун, кој ја зајакнува нуклеарната и ракетна програма.
Северна Кореја има извршено шест нуклеарни проби и повеќе ракетни тестирања. На 9 октомври 2006 година Северна Кореја го изврши своето прво подземно тестирање на нуклеарна бомба. Експлозијата се проценува дека имала сила помала од еден килотон. Втората нуклеарна проба е изведена на 25 мај 2009 година. Подоцна е проценето дека бомбата била со сила од 2,35 килотони. На 12 февруари 2013 година извршена е третата подземна нуклеарна проба со интензитет од 5,1 килотон.
Потоа следи четвртата нуклеарна проба изведена на 6 јануари 2016 година. Тестирана е хидрогенска бомба чија јачина беше проценета на 10 килотони. На 9 септември 2016 година извршена е петтата нуклеарна проба со интензитет од 10 килотони. Северна Кореја на 3 септември 2017 година тестираше термонуклеарно оружје, всушност го изведе најсилниот експеримент, лансирајќи хидрогенска бомба наменета за интерконтинентална балистичка ракета. Таа беше петпати посилна од бомбата фрлена над Нагасаки на 9 август во 1945 година кога загинаа 74.000 луѓе.
Ракетната и нуклеарна програма на Северна Кореја доведе до бројни санкции и изолација на земјата, оценувајќи дека Пјонгјанг претставува закана не само за соседните земји туку и за меѓународниот мир.
По повеќегодишна воинствена реторика Ким во новогодишното обраќање до нацијата упати предупредување до САД дека не смеат да почнат војна, бидејќи „цела американска територија е во дострел на севернокорејското нуклеарно оружје“. Но, во истот говор тој навести дека е отворен за дијалог со Јужна Кореја, со цел да се намалат тензиите на Полуостровот. Како чин на добра волја испрати политичка и спортска делегација на Зимските олимписки игри во Јужна Кореја. На Зимските олимписки игри присуствуваше сестрата на севернокорејскиот лидер, Ким Јо Џонг. Таа се сретна и со јужнокорејскиот претседател Мун, при што беше договорена средба помеѓу двајцата лидери.
Ким на 21 април 2018 година најави дека го стопира тестирањето на балистичките ракети со голем дострел и оти ќе затвори еден полигон за тестирање. Но, Пјонгјанг се уште нема потврдено дека е подготвен да се откаже од постоечкиот нуклеарен арсенал.
Експертите претпоставуваат дека севернокорејскиот лидер ќе сака да ја сочува својата династија и да добие признание дека Северна Кореја е нуклеарна сила. Како втора негова цел се посочува укинување на санкциите кон Северна Кореја.
Средбата е важна бидејќи од нејзиниот успех ќе зависат и „стартните“ позиции на Ким на претстојниот Самит со американскиот претседател Доналд Трамп, што е предвиден за мај или почетокот на јуни.
Ким обидувајќи се да го подобри сопствениот и имиџот на својата земја од 25 до 28 март престојуваше во Пекинг, каде се сретна со кинескиот колега Си Џинпинг.
Тоа беше прво негово патување откако е на функција. Има и најави дека севернокорејскиот лидер сака да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, а јапонскиот премиер Шинѕо Абе, исто така, најави дека сака да се сретне со Ким.
Една од главните причини на Ким за подобрување на односите со светските сили е и тешката економска ситуација во Северна Кореја.
Марина Илиевска