При завршување на денешното рочиште, обвинетата Катица Јанева беше отстранета од судница за недолично однесување кон Лиле Стефанова.
Претходно, Јанева ѝ довикна на Стафанова „ороспијо“ и „гомнарка“ поради што доби опомена од судијката Васка Николовска Масевска која нареди Јанева да биде изнесена од судница. По ова вознемирената и расплакана Јанева застана и пред да излезе од судницата пред новинарите рече „Не сум чинела зашто ѝ го возев мачето“.
Адвокатката на Јанева, Ирена Фрчкоска, рече дека не се согласува со овој испад на Јанева, но дека обвинетата била прилично револтирана, зашто Стефанова во јануари кажала еден став а сега кажува друг.
– Катица Јанева никогаш не се мешаше во мојата работа, сѐ до декември 2018 година кога бараше да се даде позитивно мислење за одредување поблаги мерки за осомничените во предметот „Империја“ – истакна обвинителката Лиле Стефанова во улога на сведок на денешното судско рочиште за случајот „Рекет“.
На прашања од одбраната на обвинетата Катица Јанева, обвинителката Стефанова рече Јанева, многу малку знаела за предметот „Империја“.
Таа одговараше и на прашање во однос тоа кој знаел дека ќе се врши претрес кај бизнисменот Јордан Камчев.
– Информацијата дека ќе се врши претрес кај Јордан Камчев, не излезе од СЈО, туку однадвор. При претресот се најдоа нови телефони, штотуку ставени во употреба – рече Стефанова.
Во текот на денешното сведочење, Стефанова рече дека осомничените во предметот „Империја“, скоро секогаш успевале да дознаат што СЈО презема против нив. Таа посочи дека со обвинетата Катица Јанева, имало негодување при нејзиното барање да се прифатат поблаги мерки за Јордан Камчев, Сашо Мијалков и другите притворени лица во случајот „Империја“.
Обвинетата Јанева, односно поранешната шефица на СЈО, на 16 април 2019 побарала од Стефанова и Бурим Рустеми да изготват решенија за случаите „Империја“ и „Поштенска Банка“, за да се плати штета и да се затворат предметите.
Следното рочиште за предметот „Рекет“ е закажано за 28 јануари и е предвидено да продолжи со сведочење на обвинителот Бурим Рустеми.