Активистката Велковска до Шилегов: Не ги потценувајте скопјани, ПМ 10 честиците не доаѓаат од сообраќајот!

Сите ќе продолжиме да бидеме жртви сѐ додека на функции не донесеме луѓе кои навистина веруваат во нормално општество и кои сакаат и знаат да донесат промени за добро на сите. А сѐ додека на власт имаме функционери од „Али експрес“, таков воздух и ќе дишеме“, се вели во реакцијата на Драгана Велковска, активистка за заштита на животни и животна средина и членка на Советот на Град Скопје.

1109

Град Скопје и Петре Шилегов им ја потценуваат интелигенцијата на скопјани. Препораките за загадувањето од Град Скопје се исмевање и покажување фрапантна незаинтересираност и негрижа за жителите на овој град, реагира Драгана Велковска, активистка за заштита на животни и животна средина и членка на Советот на Град Скопје во допис до нашата редакција кој го објавуваме интегрално.

„Иако во извештајот изработен за петнаесет држави од страна на петнаесет врховни ревизорски институции од Европа во соработка со Европскиот суд на ревизори се вели дека индустријата е најголемиот загадувач во Македонија, Градот до денес не поднел ниедна претставка/иницијатива/барање да се изврши вонреден и објективен инспекциски надзор над индустриските капацитети над кои нема надлежност, а кои загадуваат на негова територија.

Во продолжение препораките на Градот и причините зошто тие препораки се олицетворение на негрижа и незнаење.

– да се избегнува користењето на возила, колку што е можно, а ако се користат возила, повеќе лица да се организираат да се возат во едно возило;

Според заклучоци од студии, загадувањето со ПМ10 честиците не доаѓа од сообраќајот.

„Како главни индикатори за сообраќајот се дефинирани суспендираните честички (РМ2,5) и азотните оксиди иако за ниту еден од овие параметри не е исклучив извор сообраќајот и тоа ќе се покаже во резултатите од студијата. Во периодите на интензивно загадување, загадувањето од сообраќајот е МИНИМАЛНО. Не постои поврзаност меѓу бројот на возила и РМ10 што значи дека други фактори ги предизвикуваат високите концентрации на РМ10.

Оттука нашата ПРЕПОРАКА: во услови на екстремно високи нивоа на загаденост мерките поврзани со сообраќајот би дале локален и речиси НИКАКОВ ефект врз квалитетот на воздухот во зоната на градот Скопје“.

(д-р Дејан Мираковски кој ја презентираше Студијата за испитување на загадувањето на воздухот од сообраќајот во Скопје изработена во соработка меѓу УГД и Фармахем на работилница: „Загадувањето на воздухот во Скопје – факти, причини, акции“, 20 ноември 2018 г., Град Скопје)

Освен тоа, врв на лицемерие е администрација што во текот на 2019 г. и 2020 г. одвоила нешто повеќе од 1,5 милијарда денари за пробивање нови улици и булевари, а истовремено вложила само нецели 3 милиони денари во велоинфраструктура, да ги советува скопјани да не ги користат своите возила.

– да се користи јавниот превоз;

Кој јавен превоз ќе го користи некој, на пример, од факултети до Ново Лисиче без да треба да се качи и да се симне двапати?

И по повеќе од две години од управување со Град Скопје не е објавена студија за оптимизација на јавниот превоз, а притоа ЈСП упорно се субвенционира со 8 милиони евра годишно иако нема никаква анализа за ефективноста на јавните претпријатија.

– за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал;

  • да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци;
  • печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот;
  • редовно да се чистат оџаците;

Оваа порака нема да стигне до луѓето за кои се однесува. Четиристотини илјади луѓе во Македонија живеат под прагот на сиромаштија, а новогодишни панаѓури и забавни паркови одземаат над 150 милиони денари годишно од градскиот буџет.

Средства кои и тоа како може да се насочат на програма и стратегија за елиминирање на (енергетската) сиромаштија во Скопје, а со тоа обезбедување на енергетска независност и одржлив развој на градот. Сепак, активностите на Секторот за локален економски развој, под чија надлежност се политиките за енергетска ефикасност на Градот, се сведуваат на печатење флаери.

  • рано наутро и доцна навечер да се избегнува долготрајна изложеност на отворено;
  • да се одложат сите активности на отворено;

Во услови на енормно загадување, ова е, за жал, единствениот разумен совет што може да го даде некој што две години од својот мандат потрошил на пробивање улици и булевари, новогодишни панаѓури и еден зелен покрив на ГТЦ.

Ако нешто научивме од мерењата вчера и денес, тоа е дека всушност ветерот, сепак, бил единствената мерка против загадувањето. Добро, заедно со покачените температури. Научивме и дека единствената полуефективна мерка против загадувањето што успешно ја спровел овој градоначалник, исто како и на неговиот претходник, е делењето совети да не отвораме прозорци.

Сите ќе продолжиме да бидеме жртви сѐ додека на функции не донесеме луѓе кои навистина веруваат во нормално општество и кои сакаат и знаат да донесат промени за добро на сите. А сѐ додека на власт имаме функционери од „Али експрес“, таков воздух и ќе дишеме“, се вели во реакцијата на Драгана Велковска, активистка за заштита на животни и животна средина и членка на Советот на Град Скопје.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...