Одложен „Титаник“, се чека одлука за изземање на судиите

304

Судењето за случајот Титаник е одложено за 2 мај бидејќи се уште нема одлука за барањето на одбраната за изземање на судии. Поради тоа на денешното рочиште не беа спроведени двајцата обвинети кои се наоѓаат во куќен притвор, Мунир Пепиќ и Едмонд Темелко.

– Наредбата за нивно спроведување е повлечена од страна на судот поради фактот што до овој момент по барањето за изземање на судиите, судот се уште нема одговор – рече судијата Осман Шабани.

На рочиштето поради боледување не се појави ниту поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска. Нејзината адвокатка Сања Алексиќ посочи дека боледувањето и трае до денеска, утре е на лекарска контрола и ќе се знае дали ќе и се продолжи боледувањето или ќе може да доаѓа на рочиштата.

За неа поради боледување за ризична бременост веќе беше одвоена постапката во случајот Тенк за набавката на мерцедесот.

Покрај споменатите обвинети, сите останати се појавија на денешното рочиште за Титаник. Меѓу нив и екс премиерот Никола Груевски, шефот на неговиот кабинет Мартин Протуѓер, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, екс генералниот секретар на владата Кирил Божиновски, пратеникот Илија Димовски… Вкупниот број на обвинети е 21 лице. На товар им се ставаат десетина кривични дела поврзани со изборни нерегуларности.

Инаку барањето за изземање на судии го поднесе адвокатот Еленко Миланов поради изјава во емисја на 24 ТВ на специјалната обвинителка Катица Јанева дека постојат судии кои биле незаконски прислушувани, а постапуваат во предметите на СЈО. Тој не добил одговор од обвинителатво кои се тие судии, па на минатото рочиште побара изземање на судиите и судечкиот совет во предметот, како и на претседателот и заменикот на Основниот суд Скопје 1 и на претседателот и заменикот на Апелациониот суд.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...