Дескоска: Барањето на ВМРО-ДПМНЕ за присуство на Јовевски на средбите е алиби за напуштање на преговорите

Дека барањето на ВМРО-ДПМНЕ е само алиби, според неа, говори и фактот дека кога била договарана средбата и нејзиниот формат тие не побарале Јовевски да биде присутен.

441

Барањето на ВМРО-ДПМНЕ државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски да присуствува на средбите за донесување закон за јавно обвинителство за министерката за правда Рената Дескоска претставува само обид на оваа парија да го одолговлечи процесот и да не ги дадат забелешките, бидејќи, како што вели, во суштина забелешката им е само една, а тоа е прекинување на сите постапки поврзани со незаконското следење на комуникациите.

-Жал ми е што постапија така, но исто така морам да кажам дека беше очекувано нивното однесување имајќи во предвид дека тие едноставно не сакаа да дојдат и пред другите политички партии да го соопштат својот став којшто е практично запирање на предметите од СЈО, рече Дескоска по средбата на партиските работни групи за законот за јавно обвинителство што се одржа во Собранието.

За жал, додава Дескоска, ВМРО-ДПМНЕ очекувано ја напушти средбата после вчерашниот прес на нивниот лидер Христијан Мицкоски јасно беше дека од сите девет забелешки коишто ги дадоа за законот за ЈО, всушност само една забелешка е забелешката која што им е битна и која што е практично вистинска забелешка.

-Со цел тоа да не излезе тоа на виделина, тие не доставија писмен текст и покрај тоа што такви беа досегашните пракси на меѓусебно договарање. Беше најавено на прес-конференцијата дека тие на состанокот на работната група ќе ги презентираат забелешките. За жал, избегаа и од тоа свое ветување, вели министерката за правда.

Дека барањето на ВМРО-ДПМНЕ е само алиби, според неа, говори и фактот дека кога била договарана средбата и нејзиниот формат тие не побарале Јовевски да биде присутен.

-Кога  прифатија да присуствуваат на средбата разговаравме за форматот на тоа кој друг би бил поканет на средбата и истакнаа барање да се поканат претставници на Европската делегација и на Амбасадата на САД и тоа барање ние го прифативме и беа поканети. Значи, форматот на средбата кој би бил поканет надвор од пратеничките групи  беше договаран пред да почне средбата заедно со ВМРО-ДПМНЕ. Тие во ниту еден момент не побараа г. Јовевски или некој друг да биде присутен, рече министерката Дескоска.

Таа информира дека по заминувањето на претставниците од ВМРО-ДПМНЕ од средбата со преставниците од другите политички партии останале да разговараат за предлогот.

-Ме радува што кај сите е оценката дека станува солидна основа за градење на консензус. Беа истакнати определени заложби за зацврстување на одредени позиции за менување на одредени одредби. Се обврзавме дека наредната недела ќе седнеме уште еднаш прво на јавна расправа, а потоа и подетално ќе има произнесување од сите политички партии. Се надевам дека ВРМО-ДПМНЕ ќе си ја преиспита сопствената одлука денеска и нивното неконструктивно однесување, рече министерката.

Во спротивно, додава таа, ќе испратат порака оти сакаат некој криминал да остане неказнет, оти сакаат да го попречат европскиот пат на нашата држава и дека ги ставаат интересите на своите партиски членови и поранешни раководства коишто се обвинети или се осомничени во постапки пред ЈО пред интересите на граѓаните.

Министерката за правда истакна дека Јовевски ќе биде повикан на јавната расправа  што треба да се одржи следната недела.

Таа најави дека разговорите ќе продолжат со сите коишто се заинтересирани да го поддржат законот и власта ќе направи обид да обезбеди двотретинско мнозинство без ВМРО-ДПМНЕ.

-Мислам дека е некоректно да ја ставиме на коцка иднината на овој закон само во рацете на ВМРО-ДПМНЕ така што продолжуваме да разговараме со сите политички партии во Собранието и пратенички групи со цел да обезбедиме двотретинско мнозинство. Сите се поканети. На сила не можеме да донесеме никого, ниту имаме намера, рече Дескоска.

Таа вели дека останува на ставот оти е потребно да се донесе квалитетно законско решение, а не било каков закон по секоја цена.

На денешната средба во Собранието присуствуваа претставници на пратеничките групи, министерката Дескоска, претставници на ЕК во Скопје, на американската Амбасада, како и претставници на Платформата на граѓански организации за борба прoтив корупцијата.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...