Платформата на граѓански организации за борба против корупција денеска во Јавна Соба во Скопје, одржа презентација на „Прв извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупција“.
Извештајот е дел од проектот „Набљудување на успешноста на работата на Државната комисија за спречување корупција“, поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Предмет на анализа беа одлуките донесени од Државната комисија за спречување на корупцијата во период од март 2019 до септември 2019 година, и одговори на барања за пристап до информации од јавен карактер испратени до ДКСК.
Мартина Илиевска истражувач во ИДСЦС истакна дека ДКСК од изборот на новите членови во февруари 2019 до септември 2019 има одржано 22 седници и донесено 273 одлуки согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Од нив, речиси една четвртина (65) содржат одредба за продолжување на постапките, а поголемиот дел (208) се запрени од различни причини.
– Одлуките кои ги има донесено ДКСК во периодот кој е предмет на анализа најмногу се однесуваат на предмети кои се од областа на јавните услуги 28% и образование 24%. Кога станува збор за типот на повреда кои се наведени во пријавите, ДКСК најмногу донеле одлуки за постапки за вработување и контрола на интерес – рече Илиевска.
Според извештајот, просечното времетраење од почеток на постапка до донесување одлука на ДКСК изнесува 2 месеца и 18 дена. Доколку се земе предвид дека процесот подразбира прибирање податоци од релевантни институции, разгледување на податоците и донесување на одлуката, ова укажува на релативно брзо делување на комисијата и добра соработка со останатите институции од кои треба да се прибават информации, потребни во постапката.
Миша Поповиќ, раководителот на Центарот за добро управување при ИДСЦС смета дека треба да има приоритизација во случаите кои ги работи Антикорупциската комисија.
– Како Платформа заклучивме дека големиот број случаи со кои што се соочи Антикорупциската комисија уште од самиот почеток на својот мандат, колку што е сигнал за доверба која што граѓаните ја имаат во Комисијата толку е и предизвик. Ограничените ресурси со кои што ДКСК располага не им дозволуваат да ги обработат сите случаи и да им посветат доволно време. Она што ние го заговаравме е потребата од приоритизација во работата на случаите иако тоа не е едноставно да се направи – вели Поповиќ.
Целиот извештај можете да го прочитате тука.