Трета среќа за обвинителката Лиле Стефанова во „Рекет“

314

Обвинителката Лиле Стефанова денеска се очекува да сведочи на судското рочиште во процесот „Рекет“ во кој се обвинети Бојан Јовановски и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, како и Зоран Милевски Кичеец кој на почетокот на судењето призна вина и доби тригодишна затворска казна.

Сведочењето на Стефанова два пати се одлагаше во текот на минатата недела поради отсуство на адвокатите на обвинетата Јанева кои не дојдоа на рочиштето од, како што рече судијката Васка Николовска-Масевска, здравствени причини.

Адвокатката Ирена Фрчкоска, бранителка на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, за Плусинфо, потврди дека ќе дојде на судењето.

Откако беа одложени две рочишта, судијката во „Рекет“ рече дека ако пак не дојдат адвокатите, Јанева ќе добие бранители по службена должност.

Таа тоа го објасни дека од доставената медицинската документација не можело да се утврди кога бранителите на Јанева ќе дојдат на судењето, а со оглед дека ова е притворски предмет треба да се заштитат правата на осомничениот.

Стефанова летоска во август, речиси пет часа беше на распит во Обвинителството за организиран криминал и корупција и рече дека кажала сè што знаела за поврзаноста на предметот „Империја” со „Рекет“.

На првото рочиште Јовановски и Јанева се изјаснија дека не се виновни, додека третообвинетиот Милевски го призна делото и ден подоцна доби казна затвор од три години.

Првообвинетиот Бојан Јовановски е осомничен дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Кичеец за „примање награда за противзаконско влијание“. Поранешната обвинителка е осомничена и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...