Општина Битола поднесе кривична против поранешниот градоначалник Талески

493

Општина Битола поднесе кривична пријава против поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески заради злоупотреба на службената положба при донесувањето акт за легализација на Планинарскиот дом „Копанки“ која според локалната власт е незаконита.

На прес-конференција во Општина Битола, градоначалничката Наташа Петровска соопшти дека кривична пријава е поднесена и против други лица и очекува побрзо решавање на судскиот процес.

– Општина Битола поднесе кривична пријава против претходниот градоначалник на Општина Битола и други лица заради злоупотреба на службена положба, функција односно позиција од која е донесен акт кој правно не е издржан, а е поврзан со легализацијата на планинарскиот дом „Копанки“. Oчекувам институциите од судството да овозможат што побрза разрешница на овој предмет, затоа што станува збор за објект со исклучителна важност за општината, односно за граѓаните на Општина Битола – изјави Петровска.

На прес-конференцијата во Битола градоначалничката воедно соопшти дека донела решение со кое е поништена легализацијата, односно документот со кој таа била овозможена.

-Како градоначалник донесов Решение со кое ја поништив легализацијата која што претходно беше донесена за Планинарскиот дом „Копанки“. После тоа засегната страна, односно планинарскиот спортски клуб „Пелистер“ поднесе жалба до Министерството за транспорт и врски, а Министерството за транспорт и врски се произнесе и донесе Решение со кое што утврди дека жалбата на ПСК „Пелистер“ е неоснована – рече Петровска и најави дека Општина Битола е подготвена целосно да го реконструира планинарскиот дом „Копанки“ по завршувањето на судскиот процес.

Замолувам, порача градоначалничката Петровска, судството побрзо да ги решава сите судски спорови кои одамна се почнати, а до денес не го виделе светлото на денот бидејќи излегувањето на правдата на виделина е во интерес на сите граѓани.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...