Ексминистерот Кучи по молитвата ќе дознае како експлодирал неговиот „голф“

Неофицијално, едно возило експлодирало и од пожарот биле зафатени уште два автомобили.

1482

Ексминистерот за економија од ДУИ во владата на Никола Груевски, Дритон Кучи, за Плусинфо индиректно потврди дека и неговиот автомобил е меѓу трите опожарени возила во подземната гаража на улицата „Босна и Херцеговина“ во Скопје.

– Ги чекам резултатите од експертизата. Засега не би сакал повеќе ништо да коментирам, се подготвувам за петочната молитва. Во подрумот беа повеќе автомобили – ни изјави Кучи.

Од извори блиски до Кучи дознаваме дека во време кога биле опожарени возилата, Кучи и семејството биле дома и спиеле. Чадот од подземната гаража во зградата ги вознемирил соседите кои алармирале и веднаш излегле надвор.

Според нашиот извор, возилото на Кучи е целосно изгорено. Индикативно е дека Кучи сега не е политички активен, туку е посветен на довршување на докторатот. Тој е професор на Тетовскиот универзитет. Според нашиот соговорник, Кучи немал закани, ниту пораки со заканувачка содржина и оттука нема информации кој и со каква намера ги опожарил возилата.

На 24.01.2020 во 01.43 часот во СВР Скопје било пријавено дека во подземна гаража на ул.„Босна и Херцеговина“ во Скопје настанал пожар во неколку возила. Полициски службеници  излегле на местото и констатирале дека целосно било опожарено патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Д.К.(32) од Скопје, а делумно биле опожарени патничко возило „пежо“ со скопски регистарски ознаки и патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на А.Ф.(33) од Скопје. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а повредени лица нема. Увид ќе се врши во текот на денот, велат од МВР.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...