Јанева останува со своите бранители, Фрчкоска ќе дојде на судењето в понеделник

Фрчкоска и Кадиев во својата фела важат за професионалци кои се ажурни во однос на судските рочишта, но судијката Николовска-Масевска кога го закажа следното рочиште за понеделник на 27 јануари, рече дека ако не дојдат адвокатите, Јанева ќе добие бранител по службена должност.

369

Адвокатката Ирена Фрчкоска, бранителка на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, вели дека в понеделник ќе дојде на судењето на кое се очекува да сведочи обвинителката Лиле Стефанова во случајот „Рекет“.

– Мојата здравствената состојба и на колегата не беше добра оваа недела и од таа причина не можевме да присуствуваме на рочиштата, но со оглед дека е притворски предмет имаме разбирање. Во секој случај веке сум подобра, па во понеделник јас ке дојдам на судењето,а за колегата се уште не знам – вели Фрчкоска за Плусинфо.

Во канцеларијата на Кадиев ни рекоа дека тој се уште е под терапија и дека во текот на денот ќе се обидат да го исконтактираат за да оговорат на нашето прашање.

Фрчкоска и Кадиев во својата фела важат за професионалци кои се ажурни во однос на судските рочишта, но судијката Николовска-Масевска кога го закажа следното рочиште за понеделник на 27 јануари, рече дека ако не дојдат адвокатите, Јанева ќе добие бранители по службена должност. Таа објасни дека од доставената медицинската документација не можело да се утврди кога бранителите на Јанева ќе дојдат на судењето, а со оглед дека ова е притворски предмет треба да се заштитат правата на осомничениот.

Судењето за „Рекет“ во текот на оваа недела двапати беше одложено на барање на бранителите на Јанева. Фрчкоска беше спречена да присуствува на судењето од здравствени причини, а како што рече судијката Васка Николовска Масевска, таа доставила лекарски извештај и дека е на отворено боледување од 20 јануари.

Претставник на адвокатска канцеларија на бранителот Дељо Кадиев на рочиштето во понеделникот рече дека адвокатот е хоспитализиран и дека до петок ќе прима терапија, но и покрај тоа судијката, иако потврди дека Кадиев испратил и медицинска документација, прво закажа рочиштето вчера, кое повторно беше одложено.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...