Заев ќе ги враќа младите од туѓина, Мицкоски ќе вработува, Ахмети ќе го чисти судството

Во предизборната кампања СДСМ најави дека ќе стави силен акцент на изнајдувањето долгорочно решение за задржувањето на младите во државата, но и на зголемувањето на платите и на животниот стандард на граѓаните. Од ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека отворањето нови работни места, подобрувањето на економијата, привлекувањето инвестиции и враќањето на правната држава ќе бидат клучните работи врз кои ќе се темели предизборната кампања. Од ДУИ, пак, посочија дека главните предизборни теми ќе им бидат правната држава и ветингот во судството.

892

Главниот фокус во предизборната кампања на владејачката СДСМ ќе биде повторно ставен врз интеграцијата на земјава во НАТО и во ЕУ, брифираат партиски извори за Плусинфо. Но, тие се пофалија дека претстојната кампања што ќе ја спроведе СДСМ во голема мера ќе се разликува од кампањите што се воделе низ годините, бидејќи, како што велат, силен акцент овојпат ќе биде ставен на изнајдувањето долгорочно решение за задржувањето на младите во државата, но и на зголемувањето на платите и на животниот стандард на граѓаните.

– Не може да се игнорира интеграцијата на земјава во ЕУ и во НАТО и целиот тој успех што е направен во изминатите неколку години. Сепак, нашата партија во следниот период најмногу ќе работи на задржување на младите кои масовно ја напуштаат татковината со тоа што значително ќе ги зголеми платите. Приоритети во нашата кампања ќе бидат и развојот на економијата, целосното прочистување на судството, искоренувањето на корупцијата, како и децентрализацијата во културата. Сè ќе биде ново и тотално различно – велат од СДСМ.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека нивната предизборна кампања главно ќе се темели на отворањето нови работни места, враќањето на правната држава, подобрувањето на економијата и привлекувањето инвестиции.

– Обновата, принципите и потребата од правда ќе бидат главните контури на нашата предизборна кампања. Тука е и подобрувањето на економијата во однос на инвестициите и вработувањата, а голем акцент ќе биде ставен и на еколошките прашања, односно на изнаоѓањето соодветни мерки за намалување на загадувањето – вели Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето дали и најавената ревизија на Преспанскиот договор ќе игра клучна улога во предизборната кампања на опозицијата, тој не даде конкретен одговор, туку само повтори дека ставот на партијата останува непроменет, односно дека Договорот од Преспа е штетен за државата.

Опозицијата во понеделникот ја започна кампањата „Обновата пред вашиот дом“, а како што велат оттаму, целта е да посетат 300.000 домови во Македонија. Во оваа активност е вклучен и лидерот Христијан Мицкоски заедно со пратениците, со членовите на извршните тела и на општинските комитети.

Од партијата на Али Ахмети, ДУИ, истакнаа дека главни предизборни теми ќе им бидат правната држава и ветингот во судството, но и принципот на консензуално одлучување кое, како што велат, се покажало многу позитивно во начинот за избирање шеф на државата.

– Освен правната држава, ветингот и консензуалното одлучување, ќе се залагаме и за повисоки животни стандарди, како и за враќање на младите во државата. Нашата изборна програма ќе се потпира на тие четири столбови. Во претходниот мандат ги затворивме националните теми. Ние отвораме едно ново поглавје, а тоа е поминување од квантитет во квалитет – рече портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

Од партијата додаваат дека во предизборната кампања ќе бидат вклучени и резолуциите за екологија, како и издигнувањето на свеста кај народот околу загадувањето. Оттаму потсетуваат дека партијата крои план и за подобрување на животниот стандард во земјава преку воведување скратено работно време.

Другите помали политички партии од македонскиот и од албанскиот блок засега сè уште не ги откриваат контурите врз кои ќе се темели нивната предизборна кампања која официјално треба да започне во втората половина на март.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...