Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп денеска објави нови визни ограничувања со кои треба да се спречи таканаречениот „породилен туризам“ за бремените жени кои патуваат во САД со цел да се породат таму и нивните деца да можат да добијат американско државјанство.
Апликантите за визи за кои конзуларните службеници проценуваат дека доаѓаат во Соединетите Американски Држави само за да се породат сега ќе бидат третирани како и другите странци кои доаѓаат во САД на медицински третман, според најновите упатства на Стејт департментот.
Барателите за виза ќе треба да докажат дека доаѓаат на лекување и имаат пари да платат за тоа.
Стејт департментот, по денешната објава, планира правилата да стапат на сила од утре.
Американските туристички агенции објавуваат огласи и наплаќаат до 80.000 американски долари за добивање виза претежно за бремени жени од Русија и Кина за да се породат во САД.
Нема податоци за тоа колку жени доаѓаат во САД за да се породат, но според Центарот за имиграција се проценува дека станува збор за околу 36.000 жени кои го направиле тоа за една година.