Јавното обвинителство ги следи информациите кои лидерот на ДПА, Мендух Тачи, ги обелоденува за „сомнителното“ финансирање на Алтернатива со турски и со ирански пари и го повика да дојде во обвинителството да пријави и да и ги достави доказите.
Тачи во серија телевизиски настапи во земјава и во Косово излезе со тешки обвинувања дека Алтернатива на Африм Гаши се финасира со сомнителни пари од Иран. Тој го прозва и министерот за култура од Алтернатива, Хисни Исмаили, да каже зошто и со каква цел честопати патува за Техеран. Според него, Исмаили повеќе од 40 пати го посетил Техеран од 1990 до сега.
– Јавното обвинителство ги следи сите информации и ќе постапува доколку бидат утврдени елементи на кривично дело. Во исто време, секој што поседува докази за сторено кривично дело има законска обврска да го пријави делото и да ги достави доказите до надлежните органи – велат за Плусинфо од Јавното обвинителство.
Тачи распали по Алтернатива за сомнително финансирање и за перење пари преку издавачката куќа „Логос-А“. Тој ова го кажа вчера во интервју за емисијата „Зона Б“ на телевизијата „Клан Косова“. За ова Тачи неодамна зборуваше и во интервју на ТВ21.
– На книгите испечатени од „Логос-А“, ги има имињата на А.Г. и З.И. кои земаат хонорари по 4000-5000 евра за една книга, а реално рецензиите се плаќаат по 500 евра на луѓе од Албанија. Па вие видете каде одат тие пари – рече Тачи во интервјуто.
Тој обвини и дека претставниците на Алтернатива носат исти прстени како на неодамна убиениот генерал Касим Сулејмани од Иран и нагласи дека државата е нема во односот на начинот на финансирање на Алтернатива.
Од Алтернатива ги отфрлија обвинувањата.
– Ништо не е точно. Сè е лага, невистина и инсинуација – велат од партијата на Гаши.
Министерот за култура Исмаили пак, за медиуми изјави дека нема намера да одговори на обвинувања на човек кој, како што вели, заедно со поранешниот лидер на ИСИС, Абу Бакр ал-Багдади, Касим Сулејмани, и многу други опасни личности е на црната листа.
За обвинувањата на Тачи, од Алтернатива коментираат и дека лидерот на ДПА е продолжена рака на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и дека неговите зборови се обид да се растури можноста за предизборна коалиција меѓу Алијансата за Албанците и Алтернатива.