Голем инцидент се случил вчера во Основното училиште „Блаже Конески“ во Општина Аеродром кога родител на второодделенец насилно влегол во објектот и го натерал својот син да истепа друго дете, раскажуваат за Плусинфо извори од училиштето.
Како што дознаваме, инцидентот започнал откако двајцата второодделенци се степале меѓусебно, а по завршувањето на тепачката, едното дете побарало помош од својот родител. Кога пристигнал родителот, додаваат тие, тој го зграпчил другото дете, а на својот син му наредил да го удира.
Случајот во полиција го пријавил таткото на истепаното дете.
– Во Полициската станица Аеродром, 44-годишниот С.Т. од Скопје денеска пријави инцидент што се случил вчера во Основно училиште во населбата Аеродром. Според неговата изјава, откако се степале неговиот син и друг соученик, дошол родителот на соученикот и го фатил за рака неговиот син, а соученикот го удирал. Се преземаат мерки за расчистување на случајот – велат за Плусинфо од МВР.