Мерило за сѐ станаа денарот и еврото. Издавачките куќи, сега приватни, сѐ помалку влегуваат во реално можните тиражи. Оттука и стагнацијата во издавачката дејност. И библиотеките не откупуваат нови дела. Да бидеме објективни, пред сѐ, треба да се покаже квалитет кој ќе се носи со странската продукција. Тука е и запоставената вредност на нашето народно уметничко наследство и застарената техничко-ликовна опременост во споредба со лиценцираните странски изданија, вели писателот за деца Васил Мукаетов, со кого разговараме по повод добивањето на годинешната награда на ДПМ, „Ванчо Николески“ и нејзиниот ефект во тековната литературна активност.
– Наградава, која има сериозна и авторитетна традиција ја прифаќам како големо признание и поттик и за сите автори и литературата за деца во целина. И, се разбира, верификација на нејзината објективна позиција, како интегрален дел на севкупното книжевно творештво кај нас – обаснува Мукаетов.
Неуморно создавате литература за деца, сметате ли дека е тоа една многу одговорна работа?
– Да се пишува за деца е длабоко хумана, одговорна и сериозна работа. Тргнувам од мотото „да се пишува за децата – значи да се пишува за децата во луѓето и за луѓето во децата“. И неуморниот Марко Цепенков, бележејќи го нашето уметничко и народно творештво, запиша „дете да милуаш поеќе со срце, од што со лице“. Оттука, за мене, основен пристап е потрагата за литературен израз што ќе кореспондира со денешниот степен и образованието и знаењата на современото дете. Израз што значи рамнотежа и спојување меѓу децата и објективните, конкретни општествени релации низ кои минува нивното детство и осознавањата што ги опкружуваат, како и задачите што се пред нив. Се разбира, задржувајќи ги основните вредности и критериуми за ритамот, динамиката, римувањето, музикалноста, факторот на играта, што го содржи комуницирањето со децата преку песната и стиховите.
Предизвиците на нашите модерни писатели за деца е да се надоврзат на македонската традиција на литература за деца, но бездруго и да внесат свежина во творештвото. Има ли простор за израз и колку тој простор се „пополнува“?
– Развојните текови кај македонската поезија за деца, своите први траги ги имаат во дел од творештвото на Глигор Прличев и преродбениците Константин и Димитар Миладинови. А, вистинските творечки процеси се појавија по ослободувањето, по кодификацијата на македонскиот книжевен јазик, со Ванчо Николески, Славко Јаневски… На 4-ти јануари, 1945, веќе се појави печатот за деца, по што следуваа редица списанија. Миодраг Друговац, Георги Арсовски и други критичарски пера дојдоа до констатацијата дека „таа, книжевната продукција за деца, ја има предводничката улога во поглед на читаноста и влијанието кај широката читателска публика“. Разбирливо, таа беше со национално мотивирани и родољубиви теми. Својот творечки подем македонската поезија и литературата за деца го доживеа во 60-те и 70-те години, кога се внесоа мноштво иновантни елементи, преку ред автори, на пример, Стојан Тарапуза, Видое Подгорец, Бошко Смаќовски, Киро Донев… Дела со високи уметнички вредности, пак, ќе остават писателите кои не се „класични“ поети за деца, како Славко Јаневски, Блаже Конески, Јован Стрезовски… Со овој кус „ретро поглед“ сакам да потсетам на големата потреба и одговорност сево ова да го продолжува и надградува сегашната генерација писатели за деца, а посебно онаа помладата, што нешто поспоро навлегува, а толку е многу очекувана со понатамошна отвореност и влијанијата на модерниот стих и израз. А, простор за израз има. Ние имаме уникатна продукција со континуитет и непрекидно излегување на редица литературно-едукативни списанија, „Детска радост“ пред сѐ, „Колибри“, со месечни тиражи од околу педесетина илјади примероци и со дистрибуција ширум основните училишта во државата. Ова трае повеќе од седум децении, без прекин.
Колку читаат нашите деца?
– Одговорите се во децата, педагозите, наставниците, родителите… Многу се дебатира за одразот и влијанието на Интернетот, таблетите, видео-игрите. Од друга страна, имаме квантитет, се преведуваат вредни светски остварувања. Меѓутоа, тука е и обврската на заштита на децата од реалниот, неконтролиран бизнис и наплив на цртана ТВ продукција со агресивна, педагошки штетна содржина, дури и нетитлувана на македонски јазик. Позицијата на нашата домашна литературна продукција за деца се поврзува со новото време. И оваа литература треба да ја дели севкупната општествена реална положба на културата воопшто. Плус, ние сме мало јазично подрачје со објективно ограничени тиражи. Современата системска транзиција и трансформација на општеството си има свој одраз и на ова поле.
Но, некогаш, државата покажуваше општествен интерес вреднувајќи ја литературата за деца, денес како да не е тоа случај?
– Во нашиов случај за литературата, ќе објаснат тие што повеќе знаат. Мерило за сѐ станаа денарот и еврото. Издавачките куќи, сега приватни, сѐ помалку влегуваат во реално можните тиражи. Оттука и стагнацијата во издавачката дејност. И библиотеките не откупуваат нови дела. Тука е и запоставената вредност на нашето народно уметничко наследство и застарената техничко ликовна опременост во споредба со лиценцираните странски изданија. Тоа е реалноста.
Лектирите не се обновуваат, не се интересни за овие современи деца. Што треба итно да се направи за да го сочуваме интересот за читање кај нашите деца?
– Задолжителното читање на младата генерација во најчувствителниот период на формирање на личноста, нејзиниот културен идентитет и создавањето љубов и навика за читање, е најважен, а тоа го овозможуваат и лектирите кои секако мора да бидат современи. Навремен е потегот за иновирање на училишните лектири. Содржините на лектирите треба да бидат избалансирани со возраста на детето и со степенот на општото знаења на денешните генерации. Потребно е да се елиминираат неверификуваните историски настани, како и да се внесат дела од поновата книжевна продукција. А ова не е лесна задача, зашто нема квантифицирани и прагматични мерила, туку мерилата се естетски, книжевни и дотолку потешки и поспецифични. Квалитетот на литературата која им се пласира на децата преку лектирата мора да се земе предвид, пред сѐ. Во оваа фаза од пристапот за креаторите и институциите што ќе ја водат, од исклучителна полза би било испитувањето и анкетирањето на учениците – читатели, и на наставниците – што мислат тие, какви се досегашните искуства во секојдневната пракса и читаноста воопшто.
Не гледаме тековна критика на книжевното творештво за деца, исчезнаа ли критичарите?
– Професионалните стандарди треба континуирано да се надградуваат, треба да се следи тековната литературна продукција, посебно за децата на училишна возраст, но таа веќе подолг период недостига. Недостига литературната критика воопшто и јавното вреднување. Недостига и дневна и новинска критика, како континуирано поврзување и информирање на консументите – децата, педагозите, наставниците, библиотекарите. Тие треба да бидат брана на лошиот квалитет и истовремено да го афирмираат вистинскиот, издржаниот.
Не смееше да ни се случи да немаме Саем на книги, односно тој да биде некако импровизирано организиран во спортска сала. Што друго не смее да ни се случува?
– Дојдовме до таму, Саемот на книги да се организира „меѓу два гола“ во спортска сала. Како се случи инсталиран капацитет со седум меѓусебно поврзани, модерни хали, и простор од 26.000 метри квадратни, од кои 16 илјади метри квадратни со покриен простор, изграден од оваа држава, анонимно да промени неколку сопственици, па да се најави дури и негово уривање од извесен бизнисмен. И Скопје да остане единствен град на Балканот без саемски простор. Тоа е културен скандал. Потоа, прашање е каде отидоа републичките манифестации, со учество на стотици талентирани деца, како „Курирче“, „Охридските крајезерски средби“ и ред други.
Не смее да ни се случува делата на нашите автори да останат само во рамките на државата, односно потребен е и посебен осврт на состојбите со преведувањето на дела од македонски автори и нивен пласман надвор од државата. Па, нашите автори за деца, да ја поминат границата, барем во соседството. А така е и со наградите.
Некако, сѐ се движи околу девизата – повеќе од очекуваното, помалку од можностите.
Каде го гледате излезот?
– Треба да стане возможно да се обединиме во работите, да се приклучат во читањето со децата и родителите, основната општествена средина на нашите деца, во соработка со педагозите, наставниците и сите што партиципираат во образовниот процес, вклучувајќи ги и писателите и издавачите, за да создадеме генерација што успешно ќе се интегрира со развиениот свет. Потребата од понагласена продукција на овој вид литература, особено домашната, ја посведочува и прекрасната мисла на Пол Хазард дека „децата не се само идни возрасни луѓе, туку и возрасните се поранешни деца“. Значи, како што заклучува критичарката Тамара Арсовска „на овој период од животот и на оваа литература не треба да гледаме како на утилитаристичка подготовка на зрелоста, туку како на рамноправни периоди во постоењето“. Па така, и со функцијата на наградите.