Од партијата ги демантираат информациите кои излегоа во јавноста дека во ВМРО-ДПМНЕ се вработени 50 луѓе.
ВМРО-ДПМНЕ не демантира дека вработените во оваа партија не зеле плата три месеци, откако ваквата информација ја објави Миленко Неделковски на неговиот портал Дудинка.
– Тоа е интерна работа на партијата – е краткиот одговор од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, на нашето прашање дали е точна информацијата за доцнењето на платите.
Од друга страна, пак, од партијата ги демантираат информациите кои излегоа во јавноста дека во ВМРО-ДПМНЕ се вработени 50 луѓе. Нагласуваат дека бројот е помал и точно може да се провери.
Податокот дека не се исплатени три плати, Неделковски го објави во текот на вчерашниот ден.
„Од вработените во „палатата“ разбравме дека во партијата ВМРО ДПМНЕ службениците немаат земено плата 3 (и со зборови ТРИ) месеци плата. Засега, тоа бил дострелот на „реформаторите“ вклучени во ИК и другите служби на партијата“, пишува во текстот.
Ако информацијата, која од партијата не ја демантираат, е точна, временскиот интервал говори дека финансиската криза во „Белата палата“ почнала пред заминувањето на старото раководство односно пред изборот на Христијан Мицкоски за претседател на конгресот во декември 2017 година.
Пред нецели две години, пак, истражувањето на СКУП, обелодени дека ВМРО-ДПМНЕ е една од најимотните партии во Европа, побогата и од онаа на Ангела Меркел. Според она што беше објавено во 2016 партијата поседува 93 имотни листови во кои е запишана вкупна површина поголема од 33.000 квадратни метри.
Објектите, земјоделското земјиште, пасишта кои се во посед на ВМРО-ДПМНЕ беа проценети во вредност од 60 милиони евра, а само партиското седиште во центарот за Скопје се смета дека е вредно 40 милиони евра.