Дескоска: Денеска ги чекаме амандманите од ВМРО-ДПМНЕ за законот за ЈО и веднаш ќе закажеме средба

451

Денеска ги очекуваме амандманите од ВМРО-ДПМНЕ за законот за јавното обвинителство и веднаш ќе закажеме средба, изјави министерката за правда Рената Дескоска. Според неа, законот има шанси да се донесе пред изборите доколку ВМРО-ДПМНЕ има искрени намери да ги стави интересите за евроинтеграција пред интересите за одредени нивни претставници за кои се водат постапки и доколку останат на забелешките кои ги имаат за законот.

– Држиме до ставот дека законот кој што ќе се донесе треба да ги имплементира меѓународните стандарди и да не овозможи амнестија на било какво кривично дело коешто се гони во моментот, е во истрага или е во предистрага. Она што го слушам во моментов како најави од ВМРО-ДПМНЕ за одредени забелешки, ако се остане на тоа, може да дојдеме до договор, но јас не можам да прејудицирам додека на писмено не ги видиме забелешките оти честопати она што декларативно го кажуваат и она што ќе го напишат во конкретен амандман се разликува и честопати во тие амандмани се кријат задни намери, особено за случаите на СЈО. Така што моите очекувања се  дека нивните амандмани би се движеле за предметите на ЈО и основи за разрешување на обвинителите. Она што мислам дека им е или лошо читање или намерен спин дека се вдомувале обвинители од СЈО во Обвинителството за организиран криминал е апсолутно неточно. Законот предвидува проширување на бројот на обвинители во Обвинителството за организиран криминал, за што ќе се распише конкурс и секој обвинител кој исполнува услови ќе може да конкурира. Тоа не значи трансфер на обвинителите од СЈО. Целта е да се создаде капацитетно обвинителство за организиран криминал – рече Дескоска.

Министерката вели дека законот предвидува критериуми кој може да стане обвинител и кој избира обвинителите, а тоа е Советот на јавни обвинители. Според неа, нема да се дозволи било кој политичар да се меша во изборот на обвинителите.

Дескоска не ја исклучи можноста доколку за законот нема договор со ВМРО-ДПМНЕ, поддршка да бараат од независните од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...