Вајгл: Однесувањето на шпанскиот премиер кон Самитот во Софија е некоректно

677

Известувачот за Македонија во Европскиот Парламент Иво Вајгл, упати остри критики кон шпанскиот премиер Мариано Рахој, кој одби да учествува на Самитот за Западен Балкан во Софија поради Косово.

Вајгл, кој е многу активен по каталонското прашање во ЕП, не го поштеди шпанскиот лидер во интервју за МИА.

– Тој вид демонстративно однесување, пренесување на внатрешни политички проблеми на европски терен е некоректно. Од страна на премиерот Рахој доживуваме доста некоректности токму во односот на Шпанија кон Каталонија, каде ги користи сите алатки на авторитарна држава и избегнува дијалог, избегнува мирен дискурс за иднината и применува репресија во однос на избраните претставници на народот на Каталонија, затвораат пратеници, спроведуваат дискриминаторска политика кон луѓето кои излегоа на референдум, кои го подготвуваа референдумот. Мислам дека тоа е една доста тажна слика за земја членка на ЕУ, а уште потажно е што во ЕУ никој не реагира на тоа однесување – рече Иво Вајгл.

Вајгл смета дека изјавите на претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, и на еврокомесарот Јоханес Хан, за можна дестабилизција на регионот доколку земјите не влезат во ЕУ, делумно се дадени за да се придобие поддршка за процесот на проширување.

– Некогаш за тие опасности за конфликти на Балкан се зборува за да се добие полесно поддршка за проширувањето кон регионот. Меѓутоа за нас, кои ги познаваме односите помеѓу нациите, земјите и религиите на тоа подрачје, јасно е дека секогаш постои причина, ако се сака да се најде, за заострување на меѓетничките односи. Тоа се уште е подрачје во кое државите се уште не ги решиле сите гранични прашања, а тоа е секогаш деликатно прашање. Тука има и геостратешки интереси на некои држави како Турција, Русија, Кина, и се разбира и интересите на САД и ЕУ – вели Вајгл.

– И внатре во ЕУ има различни ставови кога станува збор за проширувањето на југоистокот на Европа. Тоа е една причина повеќе сите политичари во поранешна Југославија да се освестат дека ЕУ и светот се уште го доживуваат регионот како целина. И ако се заостри во еден дел од регионот, тогаш целиот регион е под знак прашалник – рече тој.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...