Владата го одврза ќесето за авторите и протагонистите во „Медена земја“, ќе го плати и патот за Холивуд

Министерството за животна средина и просторно планирање треба да организира серија едукативни настани за темите што ги отвора филмот, а Министерството за култура, во соработка со Министерството за образование и наука, да организираат емитувања на „Медена земја“ за сите средни училишта, на универзитетите и во домовите на култура.

2549

Владата донесе одлука за материјална помош и поддршка на авторите и протагонистите на филмот „Медена земја“, кој по серијата меѓународни филмски признанија, е номиниран за највисоката филмска награда „Оскар“ во две категории, објави вечерва на својот фејсбук профил техничкиот премиер Оливер Спасовски.

– Обезбедуваме материјална помош и домување за Атиџе Муратова и осумчленото семејство што учествуваше во филмот, а за авторите, петчлената екипа која го сними филмот признание за успехот и месечен материјален надомест.  За широка афирмиција на големите и благородни пораки што ги пренесува филмот, Владата ќе ја поддржи организацијата на серија едукативни настани за темите што ги отвора филмот, и организирано прикажување на филмот „Медена земја“ во сите средни училишта во земјата, на универзитетите и во домовите на култура, како и заедничко гледање на филмот со децата од малите групни домови, и лицата од социјален ризик, наведува Спасовски.

Владинатата прес-служба соопшти дека Министерството за труд и социјална политика е задолжено да ги преземе сите потребни активности за материјална помош и домување за Атиџе и нејзиното семејство, а Министерството за култура да обезбеди државна награда соодветна за достигнувањето на екипата што го сними филмот, која треба да предвиди признание за успехот и месечен материјален надомест.

Владата и препорача на Агенцијата за филм да организира прес-конференција на која ќе се разговара за улогата на владината агенција и фер распределбата на буџетските средства за поддршка на македонски филмови, и на прес-конференцијата да се поканат и продуцентите односно филмската екипа.

Министерството за животна средина и просторно планирање треба да организира серија едукативни настани за темите што ги отвора филмот, а Министерството за култура, во соработка со Министерството за образование и наука, да организираат емитувања на „Медена земја“ за сите средни училишта, на универзитетите и во домовите на култура.

Канцеларијата на претседателот на Владата, пак, презема обврска, во соработка со продуцентите на филмот да организира бесплатно емитување на филмот за граѓаните во кината, како и заедничко гледање на филмот со децата од малите групни домови, и лицата од социјален ризик.

Како дел од одлуките за признание за авторите и протагонистите на филмот „Медена земја“, Владата ги задолжи Генералниот секретаријат, во соработка со Агенција за филм и Канцеларијата на премиерот, да ги преземат патните трошоци околу патувањето на петчлената филмска екипа и протагонистката на доделувањето на Оскарите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...