ВМРО-ДПМНЕ ќе излезат со нови предлози и забелешки кои ги изработуваат стручните тимови, во врска со законот за ЈО. Ова е заклучокот кој произлегол од денешната средба на претставниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Маричиќ и Тимко Муцунски, јави телевизијата 24 Вести.
Во краткото инфо од средбата се наведува дека „Камен на сопнување за ВМРО- ДПМНЕ, продолжува да биде неизбалансираното решение со кое засега не се гарантира независно јавно обвинителство кое е подложно на политички злоупотреби, но на средбата станало збор за можните решенија и одглавување на дијалогот. Најавени се предлози и забелешки од ВМРО ДПМНЕ кои ги изработуваат стручни тимови.“
СДСМ пак, цврсто стои зад донесување на Законот и работи со сите пратенички групи за негово донесување. Се очекува во наредните денови односно до крајот на неделата да се закаже и средба на работните групи.
Денеска на донесување на ова законско решение повика и вицепремиерот за Европски прашања, Бујар Османи, кој смета дека носењето на законот за ЈО е важно за сите политички чинители да покажат зрелост , но исто така да ги надминат разликите и теснопартиските позиции. Тој потсети дека законот не е условен од Европскиот совет или Комисијата, но дека е важно за одредени земји-членки на Унијата, како Холандија и Франција.