Судот ослободи петмина обвинети во случајот „Шпион“

846

Кривичниот суд во Скопје денеска им изрече ослободителна пресуда на петмина обвинети во повторената постапка за случајот „Шпион“.

Судот ги ослободи од обвинение Миќо Насковски за делата „измама“ и „уцена“, Марјан Маџовски за „уцена“, Горан Стојков и Цветан Дамјановски „за недозволено чување и поседување оружје“ и Ѓорги Хаџимицев за делото „послужување во службата“.

Судијата Владимир Туфегџиќ, образложувајќи ја пресудата рече, дека судот особено ги ценел изјавите од оштетените дека не се чувствуваат оштетени и не поднеле оштетно побарување од обвинетите за „уцена“ и „измама“, додека за делото „недозволено чување и поседување оружје“ образложи дека во изнесените докази имало недоследности за околностите на задолжување и раздолжување на оружје на припадниците на МВР.

Застапници на обвинението се поранешните јавни обвинители од СЈО, Стефчо Донев и Елизабета Јосифовска.

Сускиот процес пред овој судечки совет е започнат во јануари 2018 година.

Закажани биле 19 главни претреси, а одржани 11.

Судијата Туфегџиќ, нагласи дека поради не појавување на неколку рочишта и не доставување на медицинска документација, постапката е раздвоена против обвинетиот Марјан Ефремов.

Според обвинителството, екс разузнавачот Марјан Ефремов бил организатор на групата која шпионирала за странски разузнавачки служби, а истовремено се занимавала со уценување, измами и изнуди.

Претходно денеска, се одржа рочиште на раздвоената постапка против обвинетиот Зоран Божиновски, на која обинителството и одбраната изнесоа завршни зборови. Пресудата е закажана за 11 февруари 2020 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...