Власта и опозицијата си разменија обвинувања за работата на Анкетната комисија за Охрид

63

Пратениците од власта и  од опозицијата со меѓусебни обвинувања во врска со работата на собраниската Постојана анкетна комисија за заштитата на слободите и правата на граѓанинот на која треба да биде разгледан заклучокот за Охрид како заштитено подрачје под УНЕСКО.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Трајчо Димков на денешната прес-конференција во Собранието рече дека СДСМ со денови ја опструира работата на Постојаната анкетна комисија за заштитата на слободите и правата на граѓанинот.  

– Јавно ги повикуваме пратениците на СДСМ да одговорат зошто не доаѓаат на оваа значајна Комисија и со тоа ја попречуваат работата на седницата. На СДСМ не им одговара заклучокот што неминовно ќе произлезе доколку заседава оваа комисија, а се однесува на скандалозниот закон за управување со Охрид како заштитено подрачје под УНЕСКО, што го поднесоа во Собранието, па експресно го повлекоа и отидоа со лажен закон пред Комитетот на УНЕСКО во Баку – рече Димков.

Тој посочи дека на заинтересираните, поточно невладината ФРОНТ, им е оневозможен слободен пристап до информации од јавен карактер.

Собранието не може да донесе заклучок за да се утврди одговорност на носителите на јавните функции и да помогне во заштитата на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Ги прашуваме пратениците, дали само она што и одговара на власта е од јавен интерес и зошто тие како претставници на граѓаните не овозможуваат штитење на јавниот интерес. Преку оваа анкетна комисија СДСМ си ја покажа дволичноста пред целата македонска јавност – рече Димков.

Независната пратеничка Никица Корубин, која го претстави ставот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата во однос на работата на Постојана анкетна комисија за заштитата на слободите и правата на граѓанинот, изјави дека точката на дневниот ред, која била поставена од претседателот на оваа Комисија воопшто не треба да биде точка на дневен ред, од формално-правен аспект. Додаде дека се работи за претставка од невладина организцаија за слободен пристап до информации од јавен карактер, која тие ја побарале и ја добиле од страна на Владата и од Комисијата за слободен пристап на информации од јавен карактер.

– Постојаната анкетна комисија за заштитата на слободите и правата на граѓанинот е специфична комисија која е уставна категорија во Собранието, која има многу големи и широки надлежности и која се занимава со сериозни нарушувања на слободата и правата на граѓанинот.  Сметаме дека таа не треба да биде употребувана за права кои едноставно се остварени на друг начин – рече Корубин.

Сметавме, како што рече, дека тоа воопшто не треба да биде ставено како точка на дневен ред и во процедурална забелешка го кажавме до Комисијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...