Загадениот воздух во голем број градови во Босна и Херцеговина е причина за прерана смрт на повеќе од 3.000 луѓе, а државата губи повеќе од една милијарда долари, предупреди вчера Канцеларијата на Светска банка во Сараево.
Жителите на голем број босански градови веќе со недели се гушат од загаден воздух, што содржи големо количество честички прашина и отровни гасови, поради што СБ во посебен извештај предупреди дека таквата состојба е неодржлива и побара итно преземање на мерки за решавање на проблемот.
Во извештајот на СБ посебно се истакнува проблемот со честичките прашина ПМ 2,5, кои продираат длабоко во системот за дишење предизвикувајќи болести на срцето и белите дробови, како и мозочни удари и тумори.
Според Светска здравствена организација концентрацијата на ПМ 2,5 не смее да биде поголема од 10 микрограми на метар квадратен, но во БиХ таа вредност е неколку пати поголема.
Само во Сараево во текот на месецот забележани се и концентрации и до 500 микрограма честици ПМ 2,5 на метар квадратен.
„Како последица на загадениот воздух со ПМ 2,5 секоја година во БиХ прерано умираат 3.300 луѓе. Од таа бројка околу 16 отсто смртни случаи се однесуваат на лицата кои живеат на подрачјето на Сараево и на Бања Лука“, се наведува во извештајот на СБ.
Загадениот воздух според проценката на СБ просечно годишно губи 1,38 милијарди долари, но во таа сума не се пресметани трошоците за лекување и изгубените работни денови поради боледување.