Собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија не ја почна расправата по Предлог законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти или т.н. легализација на дивоградби, иако беше на дневен ред на денешната нејзина седница. Од Комисијата информираат дека за овој Предлог закон, кој се предлага да се донесе во скратена постапка, се поднесени над 1.000 амандмани. Продолжението на седницата со оваа точка, како што информира претседателката на Комисијата, Лилјана Затуровска, ќе биде дополнително закажано.
Според Предлогот, за легализација на дивоградби изградени заклучно со 1 октомври 2019 година, според Предлог-законот што го утврди Владата ќе се плаќаат 100 проценти комуналии за објектот, како и казна во износ од 50 проценти од комуналиите, додека за бесправните електронски комуникациски мрежи надоместот ќе изнесува 10 евра по квадратен метар од изградена површина.
Ќе се легализираат дивоградби од значење за Републиката и од локално значење кои се предвидени со Законот за градење или друг закон, а кои претставуваат градежна и функционална целина заклучно со 1 октомври годинава.
Со законот ќе бидат опфатени бесправните објекти од јавен интерес утврден со закон чии иматели се државни органи или единици на локална самоуправа.
Предлог-законот не ги опфаќа сите видови бесправни објекти изградени во границите на Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство запишано во списокот на Конвенцијата на УНЕСКО, во границите утврдени со Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион како и станбените згради и нивните доградби и надградби.
За оние кои поднеле барање според стариот закон ќе важат одредбите според кои за легализација се плаќа по евро за квадратен метар.
Со актуелниот Закон за легализација на дивоградби кој е во сила, беа поднесени над 430 илјади барања за легализација, а во рокот што се продолжуваше во два наврата имаа право да аплицираат сопствениците на дивоградби изградени до 3 март 2011 година. Податоците на Катастарот покажуваат дека досега се спроведени решенија за легализација на 245.544 објекти.
На дневен ред на Комисијата денеска беа и измените и дополнувањата на Законот за градење, исто така, во скратена постапка. Расправа по овој закон предизвика решението кое се предлага, а предидува да може да се издаде одобрение за градење и со 90 проценти оформена градежна парцела, со можност таа да се дооформи до пуштањето на употреба на објектот. Ако парцелата не се доофрми, објектот нема да добие употребна дозвола, ниту имотен лист.
Ова, според пратениците од опозицијата, ќе создаде правна несигурност кај граѓаните кои купуваат станови во градба, оти инвеститорот може да не ја дооформи парцелата и тие да не добијат имотни листови за своите станови.
– Ова решение се носи само за да се задоволат потребите на одредени градежни моќници, рече Затуровска.
Дополнителен проблем, рече Лилјана Поповска од ДОМ, е што 10-те проценти со кои треба да се дооформи парцелата се во сопственост на државата. Тоа, рече Поповска, ќе отвори и простор за корупција на државни службеници и функционери да им ја завршат работата на инвеститорите.
– Јас не гледам причина и потреба да се даде одобрение за градење без 100 процентно оформена парцела. Нека си ја оформи парцелата, ако нема пречки, и нека си поднесе барање за одобрение за градба. Вака се создаваат услови со сила да се земе земјиште од државата, рече таа.
На седницата беа разгледани и поддршка добија и Законот за сигурност во железничкиот систем и дополнувањата на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци-Штип и патна делница Кичево-Охрид, двата по скратена постапка.