Сопирачки

496

Во самата суштина на нештата – како ништо да не е сменето од времето на пуфлата и нејзината банда. Па, богами, и од навиките, односно нефункционалноста на државата/културата од времето на будимпештанската пребегуља.

И не мислам тука на политичкиот амбиент во државава, на односите со соседите, на правата и слободите на граѓаните, мислам дека се разбираме. Мислам на некои навики (очигледно без одвики), на некои односи, на начини на дејствување, но и на поле за дејствување зашто наспроти сите политички и општествени промени, наспроти настојувањата на оваа власт, сепак да поентира со ефективни промени, наидува на ѕид од опструкции, на политика на сопки, дури на отворено спротивставување на сè што се обидува барем за милиметар да ги помести нештата во оваа несреќна држава.

Да, велам несреќна зашто ние де факто нема да мрднеме ни чекор напред со такви опструкции. Дали тоа треба да значи дека ако оваа (таканаречена) политичка опозиција не се промени суштински, во самата идеја т.е. поимање на државата и нејзината иднина, ние нема да видиме бел ден во догледно време? Да, ова треба токму тоа да значи и тоа нема врска со никаква политика, со никаква идеологија, односно „идеологија“, зашто криминалот по дефиниција нема идеологија.

Така, за жал, изгледаат нештата од денешна перспектива. И не е тоа песимистичко гледање или ала Ванѓа или македонската ѝ посестрима со нејзините мрачни „нострадамус“ прогнози, туку тоа е горе-долу објективно „читање“ на македонското секојдневие. Барем за оној писмен дел од државата. Да, зашто имаме и неписмен, и не само во редовите на оваа (таканаречена) политичка опозиција, туку и во редовите на сегашната власт.

За жал, секако.  Иако, де факто, дури тука и да не ги спомнуваме и сите опструкции и грешки во чекори што се случуваат во редовите на самата власт – зашто и таму има сили кои настојчиво се трудат да ги задржат нештата на ова дереџе, и ги има дури премногу! – нам ни е доволна само оваа и ваква деструктивна опозиција, со ваков распоред на силите, за да нашата иднина зависи не од нас, туку од нив и слични на нив. Или, ако сакате, погледнете што и како се случува со сите проевропски закони, како се поставуваат барикадите за борба против македонската иднина, како се опструира дури и еден закон за македонскиот јазик (и тоа баш од македонската страна!) плус едно чудо други. Кога и тоа се проблематизира, кога се најавува силна опструкција и на законот за остварување на јавниот интерес во културата како системски закон во таа област којшто треба, ако не повеќе, барем да ги откочи сите закатанчени лавиринти во културата, а сето тоа се прави не со ум и аргументи, туку со силата на „процедурите“ и инаетот, тогаш иднината навистина е непредвидлива.

И затоа е оваа држава нефункционална, а затоа и нејзината култура е или ќе биде уште долго нефункционална. Во ваква ситуација, со вакви односи, дури и утре да станеме полноправни членови на Европската Унија, ние и понатаму ќе бидеме нефункционална држава со анахрона, бескрвна и дисфункционална култура. Впрочем, зошто никој по ѓаволите не го зема сериозно предвид предлогот на Ван Хојте?

Оваа и ваква опозиција, со овие и вакви „партии“ и ваков политички дисбаланс во парламентот, е реален непремостлив ѕид. Да, и во демократијата, како и во сите други системи, една групација мора да влече напред, дури и двојно посилно ако треба, за да ги деблокира процесите и да ги откочи перспективите. Така било уште од времето на Египет, на Александар, така е и сега, овде.

Што е тогаш проблемот? Не можам да тврдам за механизмите на државата, иако и таму состојбата е слична, но во културата не е проблем само оваа и ваква полуписмена и деструктивно расположена опозиција. Таа е само едната карика во дисфункционалната култура. А ги има многу други! Пред сè, такви дисфункционални карики ќе најдете и во сите оние партии-влечуги, оние што буквално се влечат по изборниот победник за да грабнат дел од „пленот“, за да сместат два-тројца свои функционери на раководни места. Тие се еднаков дисфункционален дел, тие се товар на патот кон реформите, во културата и во целиот систем. Зашто нивниот светоглед почнува и завршува со личните амбиции и позиции! Но, да речеме дека нив ги нема така многу, иако не се баш ни малубројни. Ангажираат сигурно десетина пратенички места коишто, кога ќе ги помножите со (минимум) две-три раководни позиции во системот на власта, резултатот дава ангажирана „моќност“ од три-четириесет важни извршни места. Тоа е сериозна бројка кога ќе се преведе во сопирачка на трансформативните процеси. Вие одите напред ама тие – кочат. Колку што вие притискате, притискаат на сопирачката и тие. Со полно „право“ – дел се од владеачката коалиција, се гледаат како победници (иако никој не знае во што?), и овој политички лавиринт им одговара како кец на десетка.

Но, има едно поголемо „но“ и од овие влечуги, а тоа се влечугите во владеачките редови. Дел од нив се, наводно, партиски и идеолошки припадници на левицата – иако, во суштина, тие никогаш тоа не биле, односно секогаш играат на страната на парите – а дел се оние „метеоролошки“ приврзоци кои играат на сите страни, поточно на добитните страни. А ако тој број е сразмерно голем, како што тоа е случај со Македонија денес, тогаш нештата навистина стануваат заплашувачки дисфункционални.

Но, всушност, ним тоа им е приоритет зашто само во такви „услови“ тие можат да функционираат и да го добијат тоа што го очекуваат. И тука нека не ве лажат фалс паролите за некаков патриотизам, за некаква професионалност, дури и за стручност, ако сакате, зашто сето тоа, дури и да го има(ло), одамна го нема. Во (не)функционирањето на македонската култура тие одамна се оној паразитски дел, навикнат само да консумира и инкасира, особено кога тоа е врз база на лабави „критериуми“, на дај-дам политики, на партиски релации итн. Или, ако баш сакате, како, и зошто, одненадеж, во екот на еуфориите за успехот на „Медена земја“, се појавуваат онакви гнасни коментари и „критики“ за филмот, но и една наводно беневолентна „информација“ за „незапаметениот“, дури „историскиот“ успех на еден друг филм – кој инаку доживеа комплетно критичко фијаско на домашната и меѓународната сцена – и неговата интергалактичка гледаност од 30.000 гледачи во земјата!

И од кога, ве молам, гледаноста е мерило за квалитетот на еден филм? Знаат ли дотичните каква гледаност, на пример, имаше една „Тесна кожа“ (1, 2 и 3, а можеби и повеќе)? Го става ли таа и таква гледаност овој филм во самиот врв на некогашната југословенска кинематографија? Извинете, ама кога македонската култура би се прочистила од вакви крлежи и манипулатори, нештата некогаш можеби и би тргнале напред. Или, ако сакате, погледнете ја наназад една година целата онаа рашомонијада со Охрид, неговиот статус, па УНЕСКО итн. Погледнете кои „стручњаци“ и денес ги решаваат проблемите таму, кои фаци држат конференции и делат совети како Охрид да се сочува: оние кои и го доведоа Охрид до ова девастирано рамниште.

Тоа ви доаѓа на исто како сега да го вратите криминалецон од Будимпешта и да го направите потпретседател на Владата! Ќе реши сè за 24 часа. Токму тоа е само уште еден пример за нефункционална култура, но и држава, којашто не умее (не сака?) да ги диференцира нештата, не знае да ги определи приоритетите, но и експертите кои ќе ги стават во функција. Оттука, внатрешните сили во самата власт, подобро речено сопирачките во редовите на оние кои би требало да влечат напред се еднаков ако не и поголем проблем за македонскиот развој и евроинтеграции.

Зошто, инаку, никој во македонската култура веќе не го спомнува зборот реформи, освен неколку будали? И кому воопшто во ваков закостен систем со однапред готова листа на  абоненти (не само) во културата му дошло до – квалитет и реформи? А листата на реформи, до детал, е пред нас. И – што? Зошто никој не ја спомнува, зошто никој не ја операционализира? Нашиот културоглед е стеснет, нашите размислувања допираат само до наредниот сокак – а и тој ќорсокак! – ние сè уште се препелкаме во за светот одамна напуштените територии на етничкото, националното, личното, лукративното.

Затоа, демонтажата на „внатрешните“ бариери и отстранувањето на сопирачките во самата власт се наметнува како најгилем приоритет. Зашто, во крајна линија, од оваа и ваква опозиција сулудо е да се очекува кооперативност, но кога и „внатрешниот“ распоред на силите е диспропорционален, кога самонаречени „стручњаци“ со три грама ум командуваат со културните политики и збиднувања, кога нивниот меркантилен фокус ни се препорачува и како наша мерка, тогаш ние немаме што понатаму да бараме од оваа (не)култура!

Извор: Теодосиевски уметност

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...