Лидерите на двете најголеми партии и најголеми политички ривали Зоран Заев (СДСМ) и Христијан Мицкоски (ВМРО-ДПМНЕ) ќе бидат денеска во Охрид, за да присустуваат на манифестацијата по повод Водици, која има голема традиција во нашиот туристички бисер.
Настанотот со фрлањето на крстот во Охридското Езеро и осветување на езерските води почнува во 10 часот, по што се најавени изјави на Заев и на Мицкоски на различни локации.
Манифестации по повод православниот празник се одржуваат низ целата земја, а на дел од настаните ќе присуствуваат и претставници на техничката влада. Како што е најавено, премиерот Оливер Спасовски ќе присуствува на чинот на свеченото фрлање на крстот во Кочанска река, Кочани. Вицепремиерката Радмила Шекеринска, министерката за финансии Нина Агеловска и заменикот министер за култура Владимир Лазовски, пак, ќе присуствуваат на светиот чин на фрлањето на крстот во реката Вардар, кај мостот „Слобода“, кај хотелот „Холидеј ин“. Централната манифестација во Скопје почнува во 11:30 часот.