Раководителот на подрачната единица во Берово кој беше меѓу снимените вработени од страна на техничкиот министер Цветан Трипуновски подготвува кривична пријава против неговиот актгуелен шеф, јави телевизијата 24.
Според телевизијата пријавата се пишува за кривичното дело неовластено снимање, член 152 од Кривичниот законик, бидејќи во овој случај нема јавен интерес. Од Министерството за земјоделство дополнуваат дека се нарушени правата на приватност и лични податоци. Трипуновски неовластено ги пуштил јавно.
Министерството за земјоделство се огради од постапките на Трипуновски.
– Овие постапки не се пракса на функционирањето на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, туку се личен акт на Трипуновски со кој не се согласуваме и остро го осудуваме. Министерството е институција која во изминатиот период работеше на професионализација на својата администрација и хармонизација на односите помеѓу вработените, се со цел создавање на поволна клима за професионален однос, меѓусебна соработка на сите вработени а со тоа и давање на квалитетни услуги за земјоделците и целиот агро – сектор. Апелираме дополнителниот заменик министер во МЗШВ Цветан Трипуновски да се воздржи од вакви дејствија со кои се врши директно нарушување на имиџот на Министерството, велат од МЗШВ.