Лица поврзани со СДСМ осомничени за тежок криминал, наместо да се соочат со правдата, добиваат награди. Последниот пример е прераспределувањето на поранешниот началник на штипската полиција Љупчо Трајковски на позицијата советник во Бирото ја јавна безбедност. Да потсетиме за Љупчо Трајковски се води судски процес заради помагање при криумчарење на мигранти, изјави Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
– Да биде апсурдот уште поголем новоназначениот советник Трајковски сега е дел од Бирото за јавна безбедност кое меѓу другото има надлежност и врз секторот за гранични работи, миграции и криминалистичка полиција. Со други зборови ова е како да се постави дилер во одделот за недозволена трговија со наркотици.
Замислете за советник во БЈБ е поставен човек кој, според обвинението наплаќал по 200 евра од возило со мигранти и ги известувал криумчарите на кои места биле полициските патроли. Класична злоупотреба на службената должност и срам за полицијата. Ова е кадровската политика на Заев, Спасовски и Славјанка Петровска. Полицијата наместо заштитник на граѓаните, се претвори во соучесник во криминалот – рече Ѓорѓиевски.
Тој побара директорот на Бирото за јавна безбедност да се откаже од услугите и да го разреши Трајковски од позицијата советник.