Кадрите кои верно му слугуваа на режимот воспоставен од бегалецот од Будимпешта, наместо со знаење и културно и цивилизациско однесување кон држаната управа, тие повторно почнаа да се наметнуваат со сила и агресија и да ја злоупотребуваат времената државна позиција. Дополнителниот заменик министер во МЗШВ уште не седнат на фотеља започна со суптилно политичко насилие и вознемирување на државните службеници на нивното работно место, реагира ФРОДЕМ по ненајавената посета на заменик-министерот Цветан трипуновски на подрачната единица во Берово.
– Заштитата на правата на земјоделците од нехуманиот однос на локалните функционери не се врши со ваков нехуман, неетички и непрофесионален упад во простории на подрачните единици и со вршење политичко заплашување и покажување „мускули” над службениците од страна на „дополнителниот”. ФРОДЕМ го потсетува овој „дополнителен политички насилник” и целата јавност дека во Законот за државни службеници постојат одредби кои се однесуваат на одговорноста на државните службеници како и одредби за контролата и оценување на нивната работа вклучувајќи го и оценувањето на нивниот хуман или нехуман однос кон граѓаните.
Начинот на кој овој „грујов апаратчик” врши наводна контрола над вработените во подрачните единици на министерството е далеку од здравиот разум и достоинствено функционерско однесување. Обидот да се покаже „кој е кој” е класичен акт на политичко насилие и психичко вознемирување на вработените во државните институции. Нормален и достоинствен заменик министер, па нека е тоа дури и дополнителен заменик министер, не се пресметува со својот министер преку грбот на вработените во подрачните единици. Ваквите функционери се класични политички кабадахии кои му припаѓаат на времето кое е одамна зад нас.
Затоа очекуваме од техничкиот премиер на привремената влада на Република Македонија поради скадалозното однесување на овој дополнителен заменик министер итно да побара негово разрешување и енергично да го стопира секој иден обид или акт на политичко насилие над државните службеници во функција на претстојните избори. Техничката влада мора да ја остави државната и јавната администрација професионално, совесно и непристрасно да си ја врши својата работа.
Истовремено упатуваме и апел до јавноста, но пред се до УПОЗ и останатите синдикати со сите можни законски средства да ги заштитат правата на државните и јавни службеници од психичко вознемирување, заплашување и секој дриг вид политички терор кој се врши од страна на високи партиски и државни функционери како пред изборите, за време на нивното одржување, но и по нив. На Република Македонија и е потребна професионална и сервисно ориентирана кон граѓаните државна и јавна администрација, а не администрација која ќе ги извршува наредбите и желбите на некадарните политички големци, соопшти ФРОДЕМ.