Приближувањето и влезот во ЕУ и НАТО треба да ни гарантира еден вид на стабилност. Приближувањето и можноста за отпочнување на преговорите треба да ни даде некој стандард кој ќе биде приближен со владеењето на правото и животниот начин на финансирање и опстојување, а од друга страна многу важен сегмент во сите овие е како ќе се одвиваат изборите во земјава бидејќи досега бевме неми посматрачи или во комплетна изолација. Сметам дека ова е мислење на целокупната ромска националност бидејќи бевме во комплетна излоација заедно со турската, српската, влашката националност бидејќи се преговараше само од две страни – албанската и македонската. Многу работи се донесоа и затоа го имаме и енормното иселување или разочарување на помладите.
Ова денеска го истакна извршниот директор на Националниот ромски центар (НРЦ) Ашмет Елезовски во Скопје на работилницата со наслов „Рoмите денес – Каде ќе бидеме утре“, организирана од НРЦ.
Настанот, посочи Елезовски, е само континуитет на сите анализи дека изминатите години се случувале и се случуваат работи кои всушност не се во правец на владеење на правото, туку одат во насока на поголеми недоверби кон институциите, а од друга страна и зголемена миграција. Прекршувањето на правата на луѓето, вели тој, се видливи на секој чекор.
– Мојата порака е каде сме денес, каде ќе бидеме утре ? А тоа е прашање кое треба да се однесува за сите граѓани, а многу повеќе за Ромите бидејќи имаме голем број разочарани Роми, во многу тешка ситуација, имаме голем број едуцирани кадри Роми кои за жал секојдневно аплицираат, но имаат можност само оние кои се со средно образование да се вработот во маркетите бидејќи ги пополнуваат празнините на луѓето кои заминале – нагласи Елезовски.
Тој соопшти дека ќе продолжат со вакви работилници во повеќе градови, бидејќи како што рече, Ромите се најмаргинализираната, најдискриминираната, а има и расистички ситуации.
– Во февруари во Берлин ќе учествуваме на една интернационална средба која ќе биде по наслов „Антициганизмот во Европа“, а ќе зборуваме за многуте форми на дисриминации, а паралелно со тоа веќе имаме контакти со многу луѓе од Европските институции каде они велат дека доколку ние молчиме нема да успееме да достигнеме правда во иднина. Граѓаните, а и Ромите имаат право да стигнат до правилни одлуки и да уживаат во благодетите. Во моментов ние не уживаме во благодети – рече Елезовски.
Активистот за човекови права Бајрам Берат истакна дека во оваа држава сите млади имаат проблеми без разлика на име, презиме, верска и политичка припадност.
– Оваа наша борба под ова македонско сонце, на ова македонско поднебје, на оваа македонска земја, по се изгледа дека е борба против нешто што не го гледаме. Ние никако да ја видиме сиромаштијата. Никако да ја видиме несреќата, никако да ги видиме солзите во очите на нашите сограѓани, пријатели. Не можеме да го чуеме лелекот на своите родители кога не молат останете овде, не одете надвор. Овде е добро, ќе биде подобро, но младиот човек оди надвор, младиот човек не е задоволен. Си играме со судбините на луѓето. Посебно Ромите се земени како еден модел, како експеримент, со сите тие т.н. големи заложби, ромска декада, стратегија – рече Берат.
Не може, додава тој, да барате од мене нешто ако не сте ми овозможиле услови за таквото нешто, немате право.
– Ајде да бараме начин да им создадеме услови на младите луѓе да останат тука, тие млади луѓе да имаат подеднакви шанси за вработување, не на почеток на објавување на конкурс да стои се примаат толку Албанци, толку Срби, толку Македонци, толку Роми итн. Зошто така? Ајде да го примиме квалитетот – истакна Берат.