Шефот на дипломатијата Никола Димитров, иако формално не е дел од СДСМ, планира да се ангажира во престојна изборна кампања. Во интервју за МИА, Димитров вели дека ќе се вложи „на еден или на друг начин“ во изборниот натпревар, но дека нема размислувано што по изборите, односно дали евентуално претендира на нов мандат на чело на дипломатијата.
На прашање дали, независно од исходот на изборите, би прифатил уште еден мандат на истата позиција и кои се неговите планови за иднината, Димитров вели дека за блиска иднина во фокусот му е европската агенда за историската шанса се наѕира.
– Тука мислам дека не треба многу да даваме надеж, треба да сработиме се и повеќе од тоа без притоа да дигаме бидејќи не е корисно. Имавме такво искуство и треба да сме зрели во таа смисла, меѓутоа мора да направиме се што можеме. Има неколку седмици , месеци, јас тоа го чувствувам како незавршена мисија на некој начин ќе се вложам целосно во тоа. Ќе се вложам и на еден или на друг начин, не знам точно како, во кампањата, во претстојниот политички натпревар, а што после немам размислувано- вели Димитров.
Тој нагласува дека, ако има можност, би бил некаде каде што ќе може да направи разлика, каде што ќе му биде предизвик некоја од покрупните стратешки битки. -Мислам дека ми е патот во надворешните работи ако го завршиме тоа пробивот кон ЕУ, мислам кон внатре ми е поголемиот предизвик. Во следниот период – одговара Димитров.
Тој не беше директен учесник на претходните парламентарни избори во 2016 година, однпосно не беше кандидат за пратеник, иако неговото име тогаш се спомнуваше и како можен носител на листа на коалицијата на СДСМ во Првата изборна единица. Сепак, таа номинација на крајот му припадна на сегашниот шеф на државата Стево Пендаровски, кој за противник го доби тогашниот министер за надворешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Попоски.
Димитров, кој од првиот ден на формирањето на владата на СДСМ и ДУИ стана министер за надворешни работи, во јуни 2017 година, минатата година беше и во најтесниот избор за кандидат на владејачката коалиција за шеф на државата, заедно со Пендаровски. Сепак, неговото учество во минатогодишната изборна кампања беше незначително.
Потпишувањето на Преспанскиот договор во текот на неговиот мандат на чело на дипломатијата е еден од најзначајните моменти во полоитичкото портфолио на Димитров. Во интервјуто за МИА тој се осврнува на неодамнешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека, ако дојде на власт по изборите, со двотретинско мнозинство ќе го укине Препанскиот договор.
-Тоа е еден наратив што можеби по нивна проценка кај дел од гласачите има можеби одек или некако резонира и можеби привлекува, ама не што после. Нели ние не видовме дека ова беше тежок компромис, каде што двете страни ги постигнаа основните принципи, кај нас тоа беа идентитетските прашања, кај нив тоа е една долга тема, ама и таму имаше протести, помина тешко тоа прашање и сега ако одиме по постигнатото на тоа прашање претходно – вели Димитров.
Министерот е критичен кон т.н. Пржинска влада, оценувајќи дека овој концепт изгубил смисла по политичката криза што почна во 2015 година.
– Лично мислам дека тогаш тоа имаше смисла, бидејќи, според наодите на ЕК, меѓутоа и на Стејт департментот, Фридом хаус и многу други реномирани институции, еден човек и тесен круг околу него решаваа за премногу работи и беше загрозен и изборниот процес …Тоа навистина имаше смисла бидејќи таква силна контрола злоупотребувајќи ја државната власт оневозможува фер натпревар, фер избори. Меѓутоа, на долг рок, ако сме земја каде што функционираат институциите, ако имаме таква амбиција, мислам дека оваа одзема време од работата. Ние ги имавме шест месеци игрите со мандатот коишто завршија трагично со 27 април 2017 година. Потоа губевме во оние периоди каде што многу малку нешта може да прави владата заради изборите, така беше пред локалните избори и пред претседателските избори и практично чист мандат каде што можат да течат работите без тие законски лимити предизборни е помалку од две и пол години, можеби е блиску до две години, преполовен мандат. Е сега ние за две години ги направивме сите овие работи што во стратегискиот дел се посебно видливи, крупен исчекор напред. Мислам дека веројатно по овие избори треба да се направи еден политички консензус, бидејќи ќе биде тажно ако остане овој степен на огромна недоверба и битка на сè или ништо – вели Димитров за МИА.