Приведен е измамникот кој лажно претставувајќи се дека е вработен во ПИОМ им земал на граѓани по околу 2.000 денари за да им врати пари кои не им биле исплатени како пензии на нивни блиски кои биле починати, потврдува МВР за Плусинфо.
Станува збор за гевеличанец кај кого полициските службеници при извршен претрес во неговиот дом нашле и одзелеле телефонски апарати, сим-картички, документи и поголем број мобилни телефонски броеви и лични податоци од оштетени лица.
Случајот го открија граѓани на социјалните мрежи.
„Кажа дека има увид за мојот покоен татко дека му немаат исплатено 397.000 денари и доколку во рок од 24 часа се испратат по автобус фотокопија од извод на родени, трансакциска сметка и 1.870 денари и 100 денари на возачот веднаш на нашата трансакциска ќе легнат парите“, напиша скопјанка на Фејсбук.
МВР вели дека измамникот И.П.(41) од Гевгелија, вчера во 18,45 часот бил лишен од слобода поради постоење основи на сомнение дека е сторител на кривично дело „измама“ по член 247 од Кривичниот законик.
„Пријавениот во неколку наврати во изминатиот период извршил кривични дела „измама“ лажно претставувајќи се и како З.Ј., наводно вработен како теренски работник во ПИОМ Скопје, при што доведувал во заблуда поголем број на граѓани од Р.С.Македонија, барајќи од нив да уплатат од 1.700 до 4.000 денари, а со цел да подигнат парични средства од сметката на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во висина од 170 илјади до 450 илјади денари по разни основи“, велат од МВР.
За настанот е известен јавен обвинител и по целосно документирање на случајот против пријавениот ќе биде поднесен соодветен поднесок, вели полицијата.