За време на десетте години додека беше премиер, Груевски создаде ниво на контрола на медиумите какво што немаше на Балканот и многу водечки опозициски медиуми мораа да запрат со работа. За жал, во споредба со тоа време, ситуацијата не е многу подобрена. Националниот радио и телевизиски радиодифузен сервис сѐ уште му служи на ВМРО.
Падот на „режимот“ на Груевски доведе до мало подобрување во делот на владината контрола на медиумите, но сѐ уште е рано за да се биде сигурен во намерите на владата за трајно подобрување на ситуацијата. Нема значајна промена во делот на економската ситуација на македонските новинари, кои вообичаено се слабо платени и имаат мала сигурност на работното место…
Да, претпоставувате или веќе прочитавте – ова не се мои оценки. Ова е дијагнозата на организацијата Репортери без граници за состојбата во нашите медиуми. На новата ранг листа, Македонија напреднала само две места и сега се наоѓа на неславното 109. место. Полоши од нас во регионот се само Бугарите.
Дијагнозата е совршено прецизна и лишена од навивачките страсти карактеристични за овдешната јавност. Навистина е така: сѐ уште е рано да се проценат намерите на владата, иако сите ние сакаме да веруваме дека токму оваа гарнитура, која се востоличи, меѓу другото, и со поддршка на слободарските медиуми, ќе направи крупни промени во медиумскиот сектор. Треба да се освои тврдината МРТВ и да се реконструира во пристоен јавен сервис, треба да престанат контролата, цензорските притисоци и корупцијата во медиумите и мора да се создаде правна рамка за развој на професионалните и одговорни медиуми, а не за парамедиумски депонии кои реат од пропаганда, лажни вести, неписменост, рекет…
За жал, сега засега, сето тоа е само попис на желби, а за намерите на владата, барем ние што не вревиме „браво, браво, браво“, сѐ уште зборуваме во кондиционали. Потврда за таа воздржаност е и овој извештај на Репортери без граници. Владата треба да го разбере како поттик конечно да се фати на работа. Она што досега е сработено за безмалку цела година владеење, сепак е далеку од потребите и од нашите очекувања.