Директорот на руска Федерална даночна служба Михаил Мишустин е повикан на местото претседател на владата како „технички“ премиер, за да ги изработи уставните амандмани и да ги реализира националните проекти, а не за исполнување на политички амбиции, смета политичкиот аналитичар Александар Коњков.
-Мислам дека Мишустин може да стане своевиден технички премиер, што е категорија која беше позната во првите два мандата на Михаил Фратков и Виктор Зупков. Премиер кој нема политички амбиции, но истовремено има конкретна, јасна задача, на чија реализација ќе работи – објасни Коњков за руските медиуми.
Меѓу задачите кои Мишустин и новата влада треба да ги добијат Коњков ги издвои постигнување на националните цели и реализирање на националните проекти, како и развој, разгледување и усвојување на измените на рускиот Устав, кои Путин ги предложи во својот говор пред Федералното собрание – Думата.
Според него, токму овие измени на Уставот укажуваат на „привремениот“ карактер на новата влада.
Рускиот премиер Дмитриј Медведев вчера го информираше Путин дека владата поднесува оставка, а потоа Кремљ соопшти дека претседателот на Русија за нов премиер го предлкожил Михаил Мишустин.