Европската комисија отсекогаш била искрен и силен сојузник на Република Северна Македонија во прецот на евроинтеграциите и уверени сме дека тоа ќе продолжи и со новиот состав на Комисијата, рекол претседателот на СДСМ Зоран Заев на средбата со делегацијата на Европската комисија предводена од еврокомесорот за европска, соседска и преговори за проширување Оливер Вархеји.
– Правиме се што е во наша моќ да ги реализираме сите потребни реформи. Активно се спроведува Договорот од Преспа како и Договорот за добрососедство со Бугарија. Во измените на Изборниот законик се вградени и сите препораки од ОДИХР. Нашата цел е да испратиме порака дека имаме демократски капацитет и тој го ставаме во функција на граѓаните – истакна Заев.
Тој се осврнал и на новата методологија за проширување на ЕУ, изразувајќи надеж дека таа ќе биде фер и ќе се заснова на систем на заслуги.
– Секој ден, секоја недела, секој месец е важен за реализација на реформите кои се важни за нас и за ЕУ. Ја очекуваме новата методологија и веруваме дека таа ќе има фер пристап и ќе се вреднува единствено по мерит системот. Наш главен мотив и натаму е ЕУ и таа нема алтернатива, се што зависи од нас ќе биде сторено како што беше и досега. Отпочнување на преговори со Северна Македонија ќе значи и позитивен сигнал за целиот наш регион – посочи претседателот Заев.
Еврокомесарот Вархеји истакнал дека новата методологија за проширување се подготвува и дека наскоро ќе биде претставена пред земјите членки на Унијата. Вархеји посочи дека е важно државата да продолжи на европскиот курс, да продолжи со реформите, а особено значајно е носењето на новиот закон за Јавно обвинителство со што Северна Македонија уште еднаш ќе покаже дека е посветена на реформите важни за напредокот кон ЕУ.