Сѐ уште се свежи сеќавањата на скандалот со обидот за шверцување на 700.000 евра напикани во шише на унгарската граница. Покрај сериозноста на скандалот кој тогаш ја потресе Македонија, јавноста се забавуваше и со дилемата како може толку пари да се сместат во едно пластично шише.
Пред околу два месеца, унгарската царина објави уште едно видео за пресретнат шверц од Македонија, од кое се гледа дека досетливоста на македонските шверцери нема граници. Овој пат станува збор за шверц на цигари во картонски пакувања со логото на соковите „Јафа“. Погледнете го внимателно ова видео, видете како стручно се спакувани цигарите, а ќе забележите дека некои од тетрапак опаковките се наполнети со песок, веројатно со цел превозното средство да ја има потребната тежина.
Плусинфо тргна по трагата на оваа информација и дојде до интересни сознанија. Пред сѐ, треба да се каже дека случајот е расчистен и тоа може да се види и на официјалната страница на унгарската царина. Станувало збор за 50.000 кутии цигари со македонски бандероли. Фирмата „извозник“ ја презела вината и платила казна од 400.000 евра.
Но, прашање е колку вакви пратки поминале. Според нашите сознанија, со опаковките на соковите „Јафа“ поминале седум до осум пратки, со што на компанијата “Коктел трејд“ од Тетово, застапникот на трговската марка „Јафа“, ѝ се нанесени значителни штети. Кој ќе одговара за тие штети?
Возилото со шверцуваните цигари е извозно оцаринето на терминал на 4 ноември 2019 година во 21:26 часот. Плусинфо има информации за регистерските таблички на возилото, за кумановската фирма извозник на 20 палети сокови и за шпедитерот. Овие податоци ги имаат и нашите надлежни органи и затоа оставаме тие самите јавно да ги соопштат. Интересно е дека како увозник се појавува фирма од Братислава, регистрирана на 31 јануари 2019 година и која има само еден вработен.
Некој ќе рече, цариниците не морале да ги знаат овие работи. Можеби… Но, бидејќи во извозната царинска декларација, чиј број исто така ѝ е познат на редакцијата, прецизно е наведено дека се извезуваат сокови од брендот „Јафа“, царинскиот службеник бил должен да го запре возилото и да го извести застапникот на трговската марка. Царинскиот службеник требало да се посомнева и во тарифната ознака 2202, која се однесува на вода, а во декларацијата е наведено дека се извезуваат сокови.
И царинските службеници на граничниот премин Табановце требало да го запрат возилото, бидејќи во нивниот компјутерски систем се гледа кој е сопственик на трговската марка „Јафа“. Таа информација ја има на сите гранични премини во Македонија. Со други зборови, доколку постапеле според правилата, македонските цариници самите ќе го откриеле шверцот на цигари. Но, дали сакале? Дали меѓу одговорните шефови на царината во Куманово нема лице некогаш осомничено за шверц на цигари, но и друго лице еднаш веќе условно осудено и со куп кривични пријави?
За жал, покрај сите усилби на Царинската управа на Македонија, за која нашите извори тврдат дека не стои зад фирмите кои на вакви начини шверцуваат разна стока, факт е дека оваа појава е присутна. Со ваквите заплени, каква што е оваа од унгарските цариници, на трговските марки им се нанесуваат штети, а трпи и угледот на нашата земја, кандидатка за членство во Европската унија.