Поротникот на гурбет во Германија, обвинетите чекаат правда

1237

Судскиот совет не смее да се меша во менаџирањето со предметите и да одредува кои судии-поротници ќе учествуваат како членови на кривичните совети, тоа е во надлежност на претседателот на судот и на претседателот на кривичниот
совет, велат од Судскиот совет за Плусинфо, откако три судски предмети („ТНТ“, „Еразмус“ и „Монструм“) почнаа од почеток за само десетина дена од новата година, поради проблеми со поротниците.

Во првите два предмета судечкиот совет беше сменет поради заминување на  поротничка во пензија и на која ѝ истече мандатот од четири години. Во „Еразмус“, процес во кој им се суди на Бобек Шуклев, поранешниот декан на Економскиот факултет во Скопје и на неколкумина професори, еден од поротниците најави дека ќе оди на гурбет и тоа дента кога требаше да има завршни зборови на судењето, за кое пресудата требаше да падне следниот месец, на 3 февруари.

Поротникот во пет до дванаесет му најавил на судот дека заминува да работи во Германија, а тоа поттикна и овој предмет да почне од почеток, но и дебата во јавноста кој ги избира поротниците и врз основа на какви критериуми, кога тие ги оставаат процесите на цедило без око да им трепне. Во предметот „Еразмус“, судечкиот совет оцени дека не може да донесе пресуда во рок од една недела колку што им оставил поротникот гурбетџија, па затоа побара нов поротник, а со тоа и ново судење против професорите. Сепак, поради добра волја на одбраната, иако судењето ќе почне од почеток, доказите само ќе се прочитаат и нема да бидат изведувани, па тогаш може да бидат дадени и завршните зборови во процесот против Шуклев и професорите Славе Ристески, Драган Јанев и Стојан Дебарлиев. Тие се осомничени дека барале и примале поткуп од 500 до 1.000 евра за да им пишат преодна оценка за положен испит на студенти.

Во замка на поротничката со истечен мандат, која во понеделникот поднесе оставка, се очекува да влезат и предметите „Титаник“, и „Талир“, откако во понеделникот падна одлука дека „ТНТ“ и „Монструм“ почнуваат од почеток. Тоа е така затоа што поротничката Лилјана Ивановска Кочовска е дел од судечкиот совет во сите тие предмети, а според Законот за кривична постапка (ЗКП), доколку дојде до било каква промена на составот на судечкиот совет, судската постапка мора да почне од почеток.

Законодавецот пропишал дека обврска на Судскиот совет е да избира и разрешува судии поротници по предлог на претседателот на надлежниот основен или апелациски суд. Откако ќе бидат избрани судиите-поротници, тие задолжително посетуваат специјализирана обука, организирана од Академијата за судии и јавни обвинители и полагаат испит за завршената обука. Тоа би требало да биде гаранција дека на жешкото столче во судница ќе седне поротник кој не само што е обучен, туку ги исполнува законските услови кои не дозволуваат поротник со наполнети 60 години да учествува во делење правда во судот, како што беше во случајот со уривањето на „Космос“, објект во сопственост на бизнисменот Фијат Цаноски. Оттаму, одбраната на обвинетите Миле Јанакиески, поранешен министер и Тони Трајковски, поранешен градоначалник на Гази Баба, искажаа сомнеж дека процесот со сите прекршувања и силувања на правдата, како што обвини адвокатот Еленко Миланов, се турка за да се донесе пресуда побрзо, а на контото на бизнисменот пред изборите да легнат 50 милиони евра отштета.

За да нема дилеми кој ќе понесе одговорност за тоа што судењето за уривањето на „Космос“ и на останатите постапки во кои учествувала поротничката што поднесе оставка почнуваат од почеток, Плусинфо побара одговори од Судскиот совет.

– По претходно спроведена постапка од претседателот на судот, на негов
предлог, Судскиот совет врши избор на судии-поротници и на негов предлог
констатира престанок на функцијата судија-поротник. Судскиот совет не смее да се меша во менаџирањето со предметите, во смисла да одредува кои судии-поротници ќе учествуваат како членови на кривичните совети. Менаџирањето, меѓу другото и во тој контекст е во надлежност на претседателот на судот и претседателот на кривичниот
совет – велат од Судскиот совет за Плусинфо.

Советот пред речиси еден месец најави дека ќе расправа за поротничката со истечен мандат уште пред  таа да поднесе оставка, но на последната седница, поради разрешувањето на судијата Владимир Панчески, не стаса да го отвори тоа прашање. Следната седница е најавена кон крајот на месецов, на 27 јануари.

Решавање на проблемот со поротниците прв пат во судница го спомна пратеникот Илија Димовски, обвинет во предметот „Талир“, процес за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, а во кој осомничени се и Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Леко Ристоски кои се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и за перење пари

Димовски уште пред неколку месеци побара од судот да се одложи рочиштето со цел, како што рече, да не дојде до повреда на постапката од апсолутен карактер затоа што две поротнички ќе наполнат 60 години поради што им престанува функцијата. Тогаш судијата Осман Шабани не го прифати неговото барање, но рече дека ќе го извести претседателот на судот за проблемот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...